Специјалното јавно обвинителство „треба да се интегрира, а не да се асилимилира во јавнообвинителскиот систем“ со новиот Предлог – закон за Јавно обвинителство што е доставен до Собранието на Република Северна Македонија, порачува Блупринт групата на невладини организации што ги следат реформите во правосудството.

Ова, како што изјави Натали Петровска, директорка на невладината „Сите за правично судење“, е една од главните принципиелни забелешки во врска со новото законско решение што го предложи Владата и со кое, меѓу другото, треба да се реши статусот на СЈО во правосудниот систем во земјата.

– Ние и претходно стоевме на таков став дека СЈО како институција задолжена за борба со висока корупција треба да биде интегрирано во јавнообвинителскиот систем, барем како Одделение во рамките на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човековите права, кој е дел од Блупринт групата.

Зборувајќи на прес конференцијата посветена на процесот на изготвување на предлог-законот, на статусот на СЈО и на истрагата за предметот „Рекет“, претставниците на Блупринт групата го повторија нивниот принципиелен став изнесен и во минатото, дека СЈО како институција мора да задржи степен на автономија при овој процес на интеграција во Јавното обвинителство.

Пировска изрази незадоволство и од тоа што претставници на Блупринт групата не биле воопшто повикани да се изјаснат за новиот предлог на закон, иако како што рече, дел од нивните забелешки давани при претходните решенија, биле вградени и во овој текст.

– Ваков закон е недозволиво да се носи во скратена постапка, без широка јавна расправа и со преговори меѓу политичките партии – изјави Пировска.

Таа вели дека сепак е најважно да се види цврста полтичка волја за справување со оргинизираниот криминал и корупција, без која е невозможно да се спроведува каков било закон за тоа.

Блупринт групата смета дека со предложениот закон не се доведуваат во прашање предметите на СЈО, т.е. истрагите отворени по 30.06.2017 година и потсетија дека се уште се чека Законодавно-правната комисија во Собранието да се произнесе по барањето на Јавно обинителство на РСМ од февруари годинава, за начелното мислење на Врховниот суд во врска со овие предмети на СЈО.

Претставниците на Блупринт групата изразија и незадоволство од тоа како се води начинот на истрагата за предметот „Рекет“, особено затоа што во јавноста се изнесуваат дејствија од истрагата, што не е во согласност со Законот за кривична постапка. Тие додадоа дека сакаат да видат дали истрагата ќе биде целосна и најавија дека во фаза кога премедетот ќе биде во суд, ќе го мониторираат процесот.

Покрај Хелсиншки комитет, Сите за правично судење, во Блупринт групата членуваат и Институт за човекови права, Институт за европски политики, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи и Фондацијата Отворено општество – Македонија.