fbpx

Блупринт група: Оставки треба да поднесат сите членови на Судскиот совет

Блупринт групата за реформи во правосудството смета дека одлуката на двајцата члена на Судскиот совет кои поднесоа оставки од нивната функција е во добра насока и се надеваат дека и другите членови ќе го следат овој чекор

-

Блупринт групата за реформи во правосудството смета дека одлуката на двајцата члена на Судскиот совет кои поднесоа оставки од нивната функција е во добра насока и се надеваат дека и другите членови ќе го следат овој чекор.

Инаку, вчера, по повеќе тензични случувања во институцијата надлежна за именување и разрешување судии, неотповикливи оставки од членови на Судски совет поднесоа судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимоски, судија од скопскиот Апелациски суд.

„Сметаме дека единствен начин за враќање на довербата и зачувување на интегритетот на Судскиот совет е избор на нов состав на членови избрани во законска и транспарентна постапка. Новите членови на ССРСМ кои ќе бидат избрани од редот на судиите потребно е да бидат судии со интегритет и да поседуваат високи морални и етички квалитети. Особено ја истакнуваме потребата кандидатите за членови кои ги избира Собранието на РСМ да доаѓаат од редот на истакнати правници кои имаат докажано долгогодишно искуство во работата, се препознаени во правната професија и за кои не постои никаков основ за сомнеж за нивна политичка или лична поврзаност со сегашни или поранешни носители на јавни и политички функции“, се вели во соопштението на Блупринт групата, која ја сочинуваат видни граѓански организации кои се занимаваат и ги следат судските реформи.

Од Блупринт групата се надеваат дека и останатите членови на Судскиот совет ќе го преиспитаат своето досегашно постапување и ќе ја покажат и докажат својата професионална етика и морал како членови со што ќе ја исполнат својата должност кон функцијата која ја вршат и ќе ја поднесат својата оставка, по примерот на своите двајца доскорешни колеги.

„Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво со понирачка тенденција, неопходно е Судскиот совет на РСМ за да го поврати својот легитимитет согласно Уставот на РСМ да биде наново екипиран како чувар и гарант на самостојноста и независноста на судската власт, со што ќе започне процесот на враќање на довербата пред се на граѓаните но и на судиите кои полагаат отчет кон Судскиот совет на РСМ за своето работење“, велат од Блупринт групата, која ја сочинуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП); Институт за европска политика (ЕПИ); Институт за човекови права (ИЧП); Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС); Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Инаку, оставките на двајцата членови доаѓаат по голем број контроверзии што во последниов период го следат Судскиот совет.

Во април годинава, од претседателското место во советот експресно беше разрешена Весна Дамева, на иницијатива на заменик претседателот на советот, Селим Адеми. Реакции за овој потег стигнаа од голем број поранешни судии, адвокати, експерти од правосудниот систем и од Антикорупциската комисија. Дамева обвини за политички влијанија и поднесе тужба до Управниот суд и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за нејзиното разрешување.

Двајцата судии кои поднесоа оставки од Судскиот совет гласаа против разрешувањето на Дамева од претседателското место.

Пред еден месец за нов претседател беше избран Сашко Георгиев.

Во меѓувреме, Холандија стави во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет, а ова го изјави во интервју за Радио Слободна Европа холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. Тој, оценувајќи ги последните случувања во советот рече дека тој се претворил во нелегитимно тело.

Завчера, на седница на Судскиот совет на точка на дневен ред беше ставен евентуален судир на интереси на разрешената претседателка Дамева, за која имало обвинувања дека учествувала во постапки при одлучување одговорност за судии, каде што како странка се јавувал нејзиниот сопруг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...