Blue Beam теоријата на заговор стигна во земјава

Откако авторот на теоријата Монаст почина во 1996 година, тие рекоа дека шемата најверојатно ќе започне „на крајот на милениумот“. Оттогаш поминаа 25 години и ништо од наведеното во теоријата се нема остварено

-

Поддржувачите на теоријата на заговор Blue Beam, прво се изјаснија дека „очекуваат тој да почне во 1995 година“. Откако авторот на теоријата Монаст почина во 1996 година, тие рекоа дека шемата најверојатно ќе започне „на крајот на милениумот“. Оттогаш поминаа 25 години и ништо од наведеното во теоријата се нема остварено. Книгата од 1994 година беше брзо дискредитирана, но остана дел од навиките на теоретичарите на заговор, пишува Вистиномер.

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Blue Beam project. Холограмски лажна инвазија од вонземјани со напредни дронови ради контрола на планетата.

Во видеото се тврди дека „во блиска иднина елитите ќе користат високософистицирани технологии за да симулираат вонземска инвазија на земјата за да ја остварат својата доминација и да го освојат светот“. Се додава дека „кога инсценираната вонземска инвазија ќе почне, во хаосот ќе се појави лажен месија во секоја држава и тој човек ќе ја има моќта да ги заштити луѓето и да ја сопре инвазијата“. Во неколку наврати се појавува фотографија од Џо Бајден на екранот и во видеото се продолжува со тврдењето дека „лажниот месија ќе стане лидер на нова светска религија спојувајќи го на крајот целиот свет под една религија како антихристот“.

Зголеменото присуство на НЛО во последните години се гледа како знак дека глобалните елити го тренираат новиот систем да е беспрекорно подготвен за последната, финална инвазија. Дополнително, растечкиот развој на напредните технологии како вештачка интелигенција и 5Г, се гледа како усовршување на симулираната вонземска инвазија која ќе ја залаже целата планета да верува во лажниот месија.

За теоријата на заговор Blue Beam (син зрак), пишувано е многу бидејќи станува збор за теорија на заговор што ја плени имагинацијата на бројни приврзаници низ годините. Самиот наратив на оваа теорија на заговор е многу разработен, во детали, но секако такви што немаат многу смисла. Конкретно во видеото од објавата што ја рецензираме најнапред се тврди дека „секоја држава ќе добие свој месија“, а потоа дека „месијата ќе стане лидер на сите држави во светот“, што е самото по себе контрадикторно бидејќи прво се говори за бројни „месии“ па за „еден светски“. Секако дека за ништо од наведеното не постојат ниту индиции, ниту некакви сигнали за поддршка на постоењето на таков проект.

Теоријата на заговор е актуелизирана во контекст на неодамнешниот наплив на дронови во САД.

За конкретните дронови ФБИ имаше соопштение дека немаат докази дека тие имаат врска со надворешен непријател.

Во моментов немаме докази дека пријавените беспилотни летала претставуваат закана за националната безбедност или јавната безбедност или дека имаат странска врска. ФБИ, DHS и нашите федерални партнери, во тесна координација со државната полиција на Њу Џерси, продолжуваат да распоредуваат персонал и технологија за да ја истражат оваа ситуација и да потврдат дали пријавените летови со беспилотни летала, се всушност беспилотни летала или наместо тоа се авиони со екипаж или нешто друго, известија од ФБИ.

Теоријата на заговор „Blue Beam“ првпат е презентирана од страна на канадскиот новинар и теоретичар на заговор Серж Монаст во раните 1990-ти. Монаст (почина во 1996 година) тврдеше дека проектот е план од четири чекори, оркестриран од Новиот светски поредок за воспоставување единствена светска религија, со една светска влада под нејзина контрола. Според него, оваа голема измама ќе вклучува комбинација од напредна технологија, холографија и психолошка манипулација. Слични се тврдењата и во објавата што ја рецензираме. Книгата од 1994 година беше брзо дискредитирана, но остана дел од навиките на теоретичарите на заговор.

Најголемиот проблем со теоријата е дека никој всушност не успеал да започне нов светски поредок од објавувањето на книгата во 1994 година, при што повеќето светски влади остануваат окупирани со нивните локални проблеми. Никој никогаш не извел веродостојни емпириски докази во врска со кој било дел од Blue Beam.

Blue Beam останува чисто шпекулативно, убаво парче научна фантастика, но ништо повеќе, пишува на сајтот на Мира Сејфти (mirasafety.com).

Според теоријата, првата фаза вклучува симулирана инвазија на вонземјани со помош на холографска технологија. Ова ќе создаде масовна паника и ќе го обедини човештвото против заедничката „вонземска“ закана. Во втората фаза, планот наводно вклучува проектирање на религиозни личности како Исус, Мухамед или Буда на небото со помош на холограми. Ова ќе има за цел да ги убеди луѓето дека нивните религиозни верувања се потврдени, дополнително обединувајќи ги масите под една вера. Монаст тврдеше дека третата фаза ќе вклучува употреба на телепатска и електронска контрола на умот за манипулирање со мислите и верувањата на поединците што ќе послужи за зацврстување на едносветската религија и влада. Последната фаза според него воведува „Нов Месија“ кој ќе го води светот. Оваа фигура, без разлика дали е човечка или вештачка, би била врвниот авторитет и симбол на новиот светски поредок, сметаше Монаст.

Теоријата на проектот Blue Beam наиде на голем скептицизам и критика. Многу експерти од различни области ги отфрлија неговите тврдења, наведувајќи го недостатокот на научни докази и изводливост. Критичарите тврдат дека технологијата потребна за таква детална измама би била далеку над нашите сегашни можности. Скептиците и експертите се сомневаат во изводливоста и логиката зад таков сложен план. Засега нема конкретни докази кои го поткрепуваат постоењето на ваков проект, оставајќи го цврсто во доменот на шпекулации и скептицизам, пишува медиумот Kluchit.

Откако се појавија леталата на небото во Њу Џерси, во Америка неколку јавни личности ја подгреаја теоријата на заговор, тврдејќи дека веруваат дека дроновите и проектот Син зрак се испреплетени.

Актерката Розеан Бар на социјалната мрежа „Икс“ објави: „Сега гледате зошто го спомнувам Project Blue Beam секоја недела на мојот поткаст…“.

Мистериозните извештаи за беспилотни летала кои се пробиваат на небото над Њу Џерси и другите североисточни држави предизвикаа теории на заговор и дезинформации, при што корисниците на социјалните мрежи и владините претставници неосновано шпекулираат за странски противници, вонземјани и нуклеарни последици, анализираше реномираниот „Форбс“.

Во контекст на ситуацијата во Њу Џерси, во видео на Фејсбук , кое беше споделено повеќе од 1.000 пати, корисник на социјалните мрежи дискутираше за верувањето дека напредните дронови зрачат над Њу Џерси со вселенски ласери за да го контролираат нечиј ум и да „манипулираат со вашата физиологија“, предизвикувајќи болести или „ чума“.

Иан Бојдпрофесор на Универзитетот во Колорадо-Булдер,  за Политифакт изјави дека постоечката ласерска технологија не може да му направи такво нешто на човечкото тело.

Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер  им рече на новинарите дека нема експериментални програми за тестирање на беспилотни летала и постојано негираше каква било вмешаност на американската влада или војска.

Поддржувачите на теоријата на заговор Blue Beam, прво се изјаснија дека „очекуваат тој да почне во 1995 година“. Откако авторот на теоријата Монаст почина во 1996 година, тие рекоа дека шемата најверојатно ќе започне „на крајот на милениумот“. Оттогаш поминаа 25 години и ништо од наведеното во теоријата се нема остварено.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

(ГАЛЕРИЈА) Мета од Белград: Борбата на српските студенти и граѓани не стивнува

Повеќе од три месеци поминаа од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, Србија, а граѓанските протести и студентските блокади со барања за утврдување одговорност за несреќата и спроведување на правата...

Театарската претстава за млади „Чудо“, ќе биде изведена во понеделник во „Јадро“

Новата театарска претстава за млади „Чудо“, со текст и режија на Хана Миленковска, како и младата актерската екипа: Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски и оригинална музика на Ади...

Бројот на ковид случаи во јануари е за 3,3 пати поголем во споредба со декември

Во текот на 2025 година, а заклучно со 2 февруари, регистрирани се вкупно 20 заболени лица од ковид-19. Бројот на заболени лица во месец јануари е за 3,3 пати поголем во...

ССМ: Само Владата може да влијае на трговците да ги намалат цените

Нови повици за бојкот на маркетите се споделуваат деновиве на социјалните мрежи, откако минатата недела за прв пат се случи бојкот поради високите цени. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од...

(ГАЛЕРИЈА) Мета од Белград: Борбата на српските студенти и граѓани не стивнува

Повеќе од три месеци поминаа од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, Србија, а граѓанските протести и студентските блокади со барања за утврдување одговорност за несреќата и спроведување...