„Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ – улична уметност и музика на отворено утре во Скопје

Фото: Мета.мк

Првиот промотивен настан на заедничката кампања на Европската Унија и Совет на Европа, „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ ќе се одржи утре од 12 до 14 часот во дворот на средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Утрешниот настан ќе биде посветен на младите, а целокупната кампања се фокусира на борбата против говорот на омраза.

„На настанот ќе присуствуваат млади кои заедно со познатиот уметник Дејан Давчевски, ќе нацртаат мурал на ѕидот на средното училиште преку кој ќе ја испратат главната порака на кампањата и ќе ги повикаат сите млади да се обединат против омразата и дискриминацијата во нашето општество. За забавата да биде целосна, ќе се погрижи познатиот диџеј Васе, а ќе присуствуваат и дел од Амбасадорите против говор на омраза, како и Младите Европски Амбасадори“, се наведува во соопштението за настанот.

Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да ја покрене свеста за различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротиставување на говорот на омраза. Кампањата вклучува јавни личности, институции, организации и клучни активисти за човекови права кои преку лични сведоштва, приказни и размена на добри практики ќе промовираат разноликост и еднаквост во локалните заедници и ширум регионот.

Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија”, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа, Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“.