Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски посочил дека земјава има силна поддршка од САД за експедитивен влез во Европската унија.

Како што се вели во изјавата на портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, Блинкен му честитал на премиерот Ковачевски за новата функција и формирањето на новиот Кабинет.

Државниот секретар Блинкен, исто така, се заблагодарил за непоколебливата и цврста поддршка за Украина од земјава, „во време на континуирана, брутална воена агресија на претседателот Путин“.

Според Прајс, Блинкен лично му се заблагодарил на Ковачевски за посветеноста на Северна Македонија кон НАТО Алијансата како најнова членка, како и за прифаќањето на авганистанските бегалци.

„Секретарот посочи дека Соединетите Држави очекуваат понатамошна блиска соработка за низа регионални, безбедносни и одбранбени прашања за промовирање на демократијата и стабилноста во регионот“, вели Прајс.

Во однос на телефонскиот разговор со Државниот секретар Ентони Блинкен, од кабинетот на премиерот соопштија дека Ковачевски изразил благодарност од народот и од Владата за поддршката на САД од независноста до денеска, која што е проследена и со одлични билатерални односи.

Ковачевски за стратешкото партнерство со САД рекол дека е од суштинско значење, кое е крунисано со поддршката на Вашингтон за нашето членство на НАТО. „Членството во алијансата“, истакнал премиерот Ковачевски, „е огромна привилегија и одговорност“.

Како што се вели во владиното соопштение, Ковачевски ја осудил руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмирал цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравил брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.

„Премиерот Ковачевски ја изрази неговата благодарност до САД за поддршката за Северна Македонија во евроинтегративниот процес и го поздрави апелот на САД дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија“, соопштија од Владата.

Ковачевски потенцирал дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.