fbpx

Бизнисмените ги поздравија, хонорарците ги отфрлија измените

-

Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права ги отфрлаат најавите за измени на законите за придонеси за хонорарна работа. Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“, граѓански здруженија, активисти и поединци остануваат на барањата доставени до Министерството за труд и социјална политика на 12 декември за целосно повлекување на законските измени.

„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации за да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и со доцнења на приходите. Затоа остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок, во 14 часот“ велат во соопштението од Пoвелбата за солидарност за заштита на работничките права.

Предлог за изменување и за дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, пак, вчера најави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој предлог е предвидено социјално осигурување за авторски договори да се плаќа само за сума поголема од просечната плата (21.300 денари) за редовно вработените, додека оние кои се само хонорарно ангажирани ќе треба да платат придонеси само на сумата што надминува 9.590 денари (минимална плата).

Од Движењето за социјална правда „Ленка“ сметаат дека власта уште еднаш го покажа својот ригиден и тоталитарен начин на владеење и бара да се обезбедат барем минимални демократски услови за политичко дејствување и мнение поинакво од нејзиното, без притоа чинителите на истото да бидат кривично процесуирани пред „независните“ управни и правосудни институции на системот. Неспорно, евидентен е стравот кој е сè повеќе присутен кај ВМРО-ДПМНЕ, од зачестените и основани социјални изблици на различните општествени категории и групи во Македонија, кои не се согласуваат со нерационалното однесување на власта, велат од „Ленка“.

Идентичен став имаат и од левичарското движење „Солидарност“, од каде што велат дека со голема доза сомнеж гледаат како режимот преку ноќ омекнува кон наставниците, студентите и кон хонорарците.

– Ова не е резултат на промена на вредносната матрица или на опаметување на власта, туку на стравот од рушењето на нејзината кула од карти. Како движење за социјална правда и за враќање на демократијата, ние порачуваме: нема да отстапиме ниту милиметар од нашите вредности и определба и ќе се бориме со уште поголем интензитет за нивно остварување! – велат од „Солидарност“.

Претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, на својот фејсбук-профил напиша:

„Каква ароганција, каква убеденост дека сме овци и ништо подобро не заслужуваме. Конкретни живи луѓе се отпуштени, изгубија работа, нерви, спокојство заради вашите идиотски решенија што сега, демек, предлагате да ги менувате. Другите цел месец се без плати и уште толку ќе бидат ако овој предлог на владејачката партија влезе во процедура. Разбирате ли дека сега сите работодавци ќе чекаат исход од предложените измени и пак нема да исплаќаат хонорари? А видовме колку долго им треба на институциите да ги следат вашите решенија, и тие, кутрите, заедно со хонорарците што ги преораа скопските улици, се веќе излудени. Направија правилник, па го повлекоа, програмата за пресметка ја спакуваа дури неделава. И сега пак ќе треба да менуваат. „Шалили смо се“, работава. Вака ли ќе го намалувате незадоволството во пресрет на бомбата? Со најава за уште еден месец без плата! Еден добронамерен совет – стопирајте ги измените за придонеси, само стопирајте ги! Веднаш!“, напиша Чаусидис.

За претседателот, пак, на бизнис-конфедерацијата Миле Бошков, предлогот е добредојден.

– Овие измени се добри и за бизнис-заедницата и за луѓето што земаат хонорар врз основа на авторски договори. Од почетокот бевме во недоумица за овој закон и имавме повеќе средби со надлежните министри. Со овие измени ќе се избегне да навлеземе во сива економија и сметам дека е прифатилив и за бизнисмените и за хонорарците. Мора да се биде објективен кога некои работи ќе се подобрат – изјави Бошков за новинската агенција „Мета“.

Според претседателот на организацијата на работодавци на Република Македонија, Ангел Димитров, овие измени исто така се одредено омекнување.

– Законот не се подготви како што требаше. Ова се олеснувања, но не смее да се брза со донесувањето на измените. Треба да се земат предвид сите недостатоци, па потоа да се донесат измени кои ќе бидат во корист и на работодавците и на хонорарците – ни изјави Димитров.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...