Планот за економски раст на Владата ги содржи барањата на бизнис-заедницата, информираше денеска директорката на Стопанска комора на Македонија, Елена Милевска Штрбевска.

Таа додаде дека од јуни до крајот на 2017 година, од Стопанска комора до Владата поднеле 19 иницијативи и ниту една од нив не е одбиена, но реализацијата, како што кажа, треба да биде побрза.

– Генерална оценка на соработката со Владата е дека постои силна волја за соработка и воспоставен е јавно-приватниот дијалог на највисоко, но има реални потреби за подобрување на комуникацијата и на оперативно ниво со министерствата и со другите органи на управата. Без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата – изјави Милевска Штрбевска.

Стопанската комора на Македонија укажа на потребата, на секои три месеци, јавно и транспарентно да се прави пресек на проектираните наспроти реализираните активности во делот на капиталните инвестиции и да се понесе одговорност доколку не се реализираат проектираните капитални инвестиции.