Фото: Бојан Блажевски

Ковид-пандемијата ги измени досегашните потреби на домашните компании за составот на работниот кадар кој им е потребен во процесот на работењето. Какви се нивните сегашни проценки и какви работници им се сега неоходни, треба да покаже Анализата за потребата од работна сила за обезбедување на кадар за потребите на компаниите, која ја подготвува Стопанската комора на Северна Македонија (СКМ) врз основа на анкети меѓу бизнис секторот.

Таа треба да претставува длабинска анализа на пазарот на трудот, актуелната состојба и можностите за потенцијалите за квалификација и преквалификација на работната сила. Ова е дел од проектот: Образование за вработување, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Како што посочи на прес конференцијата Наташа Јаневска од СКМ, ефикасното обезбедување на соодветен, квалификуван работен кадар на пазарот на работна сила, има клучно значење за идните планови и стратегии на домашните компании што е значајно за конкурентноста на домашниот и на странскиот пазар.

„Значајна е потребата од детална анализа за состојбата на пазарот и за потребите од работниот кадар на компаниите, особено ако се има предвид дека, според податоците од АВРМ, 54 отсто од сите невработени, се без, или со основно образование. Тоа е пречка за развој и за планирање на компаниите. Токму затоа СКМ во своите приоритети ги има стратегиите за начините за обезбедување на кадри со соодветни квалификации“, рече Јаневска, која додаде дека во анализата ќе бидат плански опфатени петте региони во државава, со одговори од работодавачи од компании од разни сектори.

Според Благица Новковска од Факултетот за туризам и менаџмент, неопходна е идентификација на состојбите на пазарот на трудот, на локално ниво. Досегашните сознанија од анкетите кои се во тек, покажале големи разлики во понудата и побарувачката, при што најсериозна е состојбата во скопскиот регион, каде и понудата и побарувачката се на високо ниво, но се нудат работни вештини кои не им се потребни на компаниите. Во источниот и во пелагонискиот регион е поголема побарувачката од понудата, во вардарскиот има релативно добра усогласеност на двете, а во југоисточниот регион има висока стапка на понудата, за сметка на побарувачката.     

„Анализата треба да покаже дали и колку се одржливи овие состојби на пазарот, кои се специфичностите на локално ниво, што треба во одредени региони да се промени, а е во во интерес на бизнис секторот. Во смисла, кои вештини ги бараат компаниите за да го планираат работењето. После анализата ќе се направат предвидувања до 2030 година, како база за компаниите. Но, тие предвидувања ќе бидат од корист и за образованието и за други државни структури, за подготовка на идни стратегии за вработување и креирање на образовни програми“, посочи Новковска.