fbpx

Битолското образование на рабуш

-

Повеќе од 1,5 милиони евра е долгот на основните и на средните училишта во Битола. Училиштата работат со блокирани сметки подолг период, а должат за бесплатниот школски превоз, за комуналии и за ред други потреби. Анализирајќи ја работата на училиштата, два месеца по почетокот на новата учебна година, битолската опозиција, на последната седница на Советот, отворено ги запраша директорите на училиштата зошто никој од нив како менџер јавно не се пожалил за состојбите во кои работат и како врзуваат крај со крај со финансиите, кога Општината наместо предвидените 15 милиони денари, за образованието реши да издвои 12 милиони денари.
– Директорите на училиштата не собраа храброст јавно да проговорат за проблемите во образованието, за блокираните сметки, не се охрабрија јавно, на прес-конференција, да кажат дека не се согласуваат со тоа што, како Совет, сме им ги скратиле парите. Советот им вети 15 милиони денари , а сега им дава три милиони помалку. Не можам да видам таква прес-конференција која директно го засега вашето работење, ама видов, за жал, таква на која ги убедувате вашите вработени да не штрајкуваат – обвини Валентин Груевски, советник од ЛДП.
Според опозицијата, банални се неформалните одговори на директорите на училиштата за тоа како се справуваат со секојдневните проблеми.
– Како може училиштата во Битола да функционираат со блокирани сметки , а средствата за хигиена да ги набавуваат од „добрите луѓе во Битола“. Ова го цитирам како реченица на еден од директорите на училиштата, кој беше прашан на кој начин ги обезбедува средствата за хигиена во неговото училиште – рече Габриела Илиевска, советничка од ВМРО-НП.
За власта, проблемите во образованието, кои се таложеле со години, не се решаваат одеднаш, иако Битола може да се пофали со бројни инвестиции и реконструкции во училиштата.
– Треба да се знае фактот дека сите училишни згради се постари од 40 години и долго време на нив ништо не беше променето. Тоа се напластени проблеми. Дека има простор сè уште да се работи – има, дека има проблеми – има, но не треба да се заборави дека образованието е динамичен процес, кој постојано треба да се надоградува – возврати Соња Карапашовска од ВМРО-ДПМНЕ.

A.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...