Битолскиот дел на Мариово веќе неколку дена е отсечен од цивилизацијата со наноси од снег и по еден метар. Селото Гермијан, каде има околу стотина жители, веќе трет ден нема комуникација со градот, а иста е состојбата во уште дваесетина села во општина Новаци.

Отсечени се селата Гермијан, Бач, Живојно, Брод, Скочивир, Добровени, и од другата страна Градешница, Старавина и Зовиќ.

– Патот е исчистен само до селото Кременица до фармите на ЗК „Пелагонија“, а сите други села во Мариово се завеани со метар до метар и половина снег. Седиме дома, месиме леб и јадеме тоа што имаме во фрижидерите, чекаме расчистување на патот, бидејќи поради снегот не се знае каде е асфалтот, а каде се ендеците – вели во телефонски разговор жител на селото Гермијан.

И од Општина Новаци потврдуваат дека снегот и мразот направиле проблеми во комуникацијата со битилскиот дел на Мариово.

Градоначалникот на Општина Новаци, Лазе Котевски, вели дека битолскиот дел на Мариово е со големи наноси од снег. Според него, во најголем дел од селата има по пет-шест жители  и дека од утрово е ангажирана механизација за расчистување на патиштата.