Кој го направи пучот во штрајкот на СОНК е главната дилема на дел од битолските наставници, по прекинот на штрајкот. Наставници од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, кои од првиот ден на штрајкот беа стопроцентно солидарни, денеска се револтирани поради неодговорените прашања од страна на СОНК. Зошто СОНК го прекина штрајкот, а штрајкувачите за тоа дознаваат од телевизија?

– Прекинот на штрајкот го доживуваме како пуч или, едноставно, се чувствуваме изиграни бидејќи воопшто не бевме запознаени со одлуката на СОНК дека од денеска наставата продолжува. Како може за прекинот на штрајкот да нè информираат преку кајрон на телевизија. Токму синдикалците на СОНК нè убедуваа дека за секоја одлука прво ќе биде запозната базата, а потоа, ако таа се согласи, ќе бидат преземени понатамошни чекори. Како сега наеднаш не сме важни и никој не нè известува за прекинот. Зарем е ова праведно кон нас? – велат професори од Битола.

Денеска во Битола учениците и од средните и од основните училишта се на настава.

– Во 8 часот беа повикани сите синдикални организации од Битола и им беше доставена спогодбата помеѓу СОНК и МОН, во која се наведени одредени состојби кои ја засилуваат преговарачката моќ на СОНК – вели Фанче Јошевска, претседателка на регионалната канцеларија на СОНК од Битола.

Членови на СОНК од Битола бараат претседателот на СОНК, Јаким Неделков, да излезе на телевизија и јавно да им пренесе на јавноста и на членовите зошто го прекина штрајкот без да се консултира со базата.

А.Б.