Граѓанското здружение „За нас се работи“, по големиот протестен марш во Битола и по игнорирањето од локалната власт за нивната иницијатива „Битола сака чист воздух“, нуди алтернативно решение – лиценцирана лабораторија седум дена да го мери загадувањето на воздухот токму во центарот на градот, каде е поставена мерната станица „Битола-2“, која не работи речиси три години.
Со анализите се очекува да се утврди каков е хемискиот состав на честичките ПМ 10 во воздухот и кои би биле примарните загадувачи на амбиенталниот воздух во Битола.
– Добивме понуда од лабораторијата „Фармахем“, која може да направи мерење, да ни даде резултати колку е загаден воздухот во Битола и кои се примарните загадувачи. Ќе го мерат загадувањето на воздухот во однос на тешките метали ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. Оваа понуда е 125.000 денари и ќе им ја доставиме на властите и на градоначалникот Талески. Ако не ја прифатат, тогаш сами ќе собереме пари и ќе го направиме испитувањето за седум дена. Мобилната мерна станица во тој случај ќе ја поставиме на приватен имот. Знаеме дека ова се краткорочни решенија, но сметаме дека битолчани ја заслужуваат оваа информација и дека од некаде треба да се почне – вели Горан Пинза, член на граѓанското здружение „За нас се работи“.
Од здружението за утре најавија прес-конференција на која ќе ги образложат детално своите планови.
А.Д.