Битиќи: Скопје ќе има парно, иако нема избрано нов економски оператор

Фото: ri на Pixabay

Скопје ќе има парно греење, а БЕГ, иако му се одземени лиценците, мора да испорачува топлинска енергија кон граѓаните, се додека не се избере нов економски оператор. Компанијата мора да има резерви на гас и други суровини за да обезбеди непречена услуга кон домаќинствата, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој посочи дека БЕГ и ЕСМ имаат договор за техничка соработка кој се уште е во сила.

„Инсистирањето на еден од чинителите за промена на сопственоста е легитимна, не велиме дека нема да се случи, но ќе се случи според законите“, рече Битиќи и посочи дека закупот е легитимна алатка со која може да се искористат топланите Исток и Запад и ќе се испорача топлинска енергија.

Тој посочи дека Владата, за да не ги остави скопјани без парно греење, интервенирала со формирање на три претпријатија, кои ќе ја испорачаат јавната услуга. Во овој момент дистрибутивната мрежа е предадена на ЕСМ, а постои и договор за користење на опремата во топланите.

„Не сакаме да навлегуваме во билатералните односи на чинителите во случајот. Се работи за приватни сопственици кои треба да влезат во облигациони односи, а се мора да биде според законот и да се запазат процедурите“, истакна Битиќи.