Битиќи: Проблемите на младите ќе ги претвориме во политики

Главна заложба на вицепремиерот, како што рече, е креирање на високо платени работни места за младите, оти тие сакаат да им се даде шанса да успеат во нивната татковина, преку квалитетни работни места

Фото: Влада на РСМ

Заедно со младите ќе соработувам и ќе се залагам да се вметнат во формалното и во неформалното образование идните професии кои се бараат на пазарот на труд. Иднината на младите е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигиталниот маркетинг, сајбер сигурноста, мекатрониката, роботика.

Ова го истакна денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на средба со младите со кои дискутираше за заклучоците на проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.

„Дојден сум да ги ислушам младите, да слушнам од прва рака кои се вашите потреби  што јас како вицепремиер можам да направам за да ги реализирате вашите соништа“, им рече тој на младите.

Тој ги увери дека внимателно и секогаш ги слуша и дека со нетрпение очекува да ги отворат сите теми кои се од нивен интерес и кои им се потребни за нивната добра иднина.

„Вашите потреби ќе ги претвориме во политики“, им рече Битиќи.

Тој кажа дека преку процесот на националната развојна стратегија тие ќе го најдат својот дел во општеството, бидејќи само така нив ќе им биде дадена јасна слика каде ќе биде нашата земја во наредните 20 години.

Главна заложба на вицепремиерот, како што рече, е креирање на високо платени работни места за младите, оти тие сакаат да им се даде шанса да успеат во нивната татковина, преку квалитетни работни места.

Проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, се спроведува од Институтот за добро владеење и евроатлантска перспектива (ИДУЕП), финансиран од Европската Унија.