Марко Бислимовски претседател на РКЕРКЕ
Марко Бислимовски фото: РКЕ

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски денес најави дека тарифниот систем за плаќање на потрошената електрична енергија на домаќинствата во државава ќе се менува.

Според него, со промените на тарифниот систем оние кои трошат најмногу, ќе плаќаат повисока цена на струјата и обратно. Односно, потрошувачите кои ќе трошат големи количества на струја, ќе ја плаќаат по цена блиску на пазарната, што во моментов е многу поскапа.

„Станува збор за најголемите измени во тарифниот систем досега, кои се подготвуваат во соработка со Електротехничкиот и Машинскиот факултет. Ќе се воведат четири или три блок-тарифи кои нема да важат за евтината струја. Ние ќе бидеме првата земја во регионот која ќе примени блокови само за скапа струја, бидејќи сметаме дека евтината струја треба да остане, без никакви ограничувања, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека ова се прави затоа што има 17 домаќинства кои трошат 10 отсто од вкупната потрошувачка, односно 330 милиони киловат-часови. Тие ќе плаќаат цена блиску до пазарната. Ресурсите за производство на струја се намалени и со оваа мерка ќе се намали потрошувачката и ќе започнеме со рационална потрошувачка.

Во Србија 20 години има блок-тарифи и постојат три зони – зелена до 350 киловат-часови, сина – од 350 до 1.600 киловат-часови и црвена, со над 1.600 потрошени киловат-часови. Косово има поделба до 800 и над 800 киловат-часови, додека во Албанија во завршна фаза е одлуката за начините за плаќање до 700 и над 700 киловат-часови.

„Ние ќе одиме со три или четири блока за поголем опфат на граѓани кои имаат минимална потрошувачка и да опфатиме повеќе ранливи групи и домаќинства кои немаат друга опција на греење освен електричната, што во најголем дел е во речиси сите градови надвор од Скопје“, посочи Бислимоски.

Според Регулаторна, 21,9 отсто од граѓаните месечно трошат до 100 квч. а 7 отсто од домаќинствата трошат над 1.000 квч. Просечна потрошувачка е 410 квч. месечно. Според сегашната проекција, 53 отсто од граѓаните би влегле во скапа, а 47 проценти од нив во ниската тарифа.

Бислимоски исто така рече и дека се прават подлабоки анализи за структурата за потрошувачката, со цел да се добие појасна слика за опфатот и поделбата на блоковите, за да бидеме социјално праведни и да се намали енергетската сиромаштија.