Косовската секција на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) ја анализираше изјавата на поранешниот косовски премиер Иса Мустафа, дадена во интервју за ТВ емисијата „Jeta në Kosovë“ („Животот на Косово“), во која тој изјавува дека бил транспарентен кога станува збор за трошењата на неговата влада. Имено, во интервјуто објавено на 21 ноември 2019 година, Мустафа тврди дека неговите сметки биле на располагање и како немал ништо против тие сметки да бидат транспарентни за медиумите.

И покрај барањето на порталот на БИРН-Косово (Kallxo.com), Иса Мустафа, тогаш на премиерска позиција, не дозволи пристап до овие сметки, ниту, пак, до оние на претходната Влада, предводена од Хашим Тачи, иако беше донесена пресуда од Апелациониот суд за пристап на медиумите во трошењата на Владата.

Дури оваа година БИРН обезбеди пристап до сметките на Владата на заминување на Рамуш Харадинај и претходната Влада предводена од Иса Мустафа. Ваквото образложение придонесе изјавата на Мустафа да биде оценета како невистина.