БИРН го продолжи рокот за апликации за стажирање на млади новинари

Фото: Nathan Dumlao на Unsplash

Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) одлучи да го продолжи рокот за апликации за стажирање на млади новинари. Младите новинари, студентите по новинарство и неодамна дипломираните професионалци на возраст од 18 до 26 години од Северна Македонија, Косово, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина имаат можност до 16 октомври да аплицираат за 4-месечно стажирање во медиумски редакции.

Избраните кандидати во период од четири месеци ќе постанат членови на редакциите, ќе учествуваат на уредничките колегиуми, ќе учат како да оформат теми за новинарска работа, да изберат релевантен агол од приказната, да покријат дневни настани, да реализираат интервјуа и да пишуваат новинарски текстови.

Програмата за стажирање ќе се одвива во периодот од ноември 2020 до февруари 2021 година, додека за избраните кандидати е обезбедена финансиска поддршка за покривање на нивните трошоци за живот. Со објавениот повик се охрабруваат кандидати од сите региони на земјите од Западен Балкан да аплицираат, бидејќи проектот обезбедува и средства за патување во рамките на земјата во која живеат, како и трошоци за сместување.

Активностите се дел од Регионалната програма за млади новинари, која се реализира како дел од регионален проект „Поддршка за поголема независност на медиумите од Западен Балкан“ финансиран од Владата на Велика Британија.

Повеќе детали околу постапката за пријавување на заинтересираните лица може да се најдат овде.