Биоотпадот секаде е ресурс за правење компост, само кај нас се третира како ѓубре

Фото: Мета.мк

Лушпи од зеленчук и овошје, суви лисја и гранки од дворовите и парковите или пак остатоци од земјоделското производство, овоштарството и лозарството. Сето тоа е биоотпад, кој кај нас завршува на депонија, а во многу држави преставува ресурс. Според статистиките во земјава, биоотпадот учествува со околу 60 отсто од она што го фрлаат домаќинствата и кое најчесто завршува во контејнерите. Измешан заедно со другиот отпад оди на депонија каде се разложува. Влијанието на овој процес врз животната средина е огромен, се загадуваат почвата, подземните и надземните води, а се испуштаат и стакленички гасови, кои се директно одговорни за климатските промени.

Циркуларната економија, која единствено обезбедува одржливо живеење и опстанок на планетата, е незамислива без искористувањето на биоотпадот како суровина за правење компост. Тоа е единствениот правилен третман, со кој од загадувач добиваме ресурс и како краен резултат, компост за оплеменување на јавни површини, паркови, или пак земјоделски површини.

Компостирањето е практика во секоја земја каде што е регулирано управувањето со отпад. Во Европа годишно се произведуваат помеѓу 118 и 138 милиони тони биоотпад, од кои во 2019 година биле компостирани околу 40 отсто. Најмногу, по глава на жител компостираат жителите на Словенија, 320 килограми годишно, а на второ место се Холанѓаните со околу 223 килограми.

Поставување на мали градски компостари во Скопје е една од идеите, за која што се залагаат од Зелен хуман град (ЗХГ). Овие советници во Советот на град Скопје минатата година предложија од градскиот буџет да се направат десет компостари во секоја општина по еден, но издејствуваа само една.

Идејата, според советникот на ЗХГ, Горјан Јовановски, е граѓаните на секоја општина да добијат можност во своја непосредна близина да го одлагаат селектираниот биоотпад. Посочува дека градските компостери можат да понудат можност и за создавање на урбани градини, во кои граѓаните ќе може да си одгледуваат растенија, но и преку меѓусебно запознавање да создаваат посилни заедници.

„Нашиот стремеж е нула отпад, односно третман на 100 отсто од вкупно создадениот биоотпад на територијата на градот, а кој годишно изнесува околу 40.000 тони. За третман на целокупното количество, потребна е инсталација на 40 компостери со капацитет за 1.000 тони на годишно ниво. Свесни сме дека ова е долгорочна активност која побарува голема почетна инвестиција и кампања за кревање на свесност кај населението за проблемот, но исто така сме свесни и за климатската криза со која се соочуваме, па сметаме дека Скопје мора да почне да компостира во најбрз рок“, вели Јовановски.

Професорката Лилјана Колева-Гудева од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип смета дека идејата за градски компостари е одлична. Сепак, за да се обезбеди правилно компостирање на биоотпадот, тие треба да бидат соодветно и стручно управувани и контролирани од општините или од јавните комунални претпријатија. Колева-Гудева вели дека пред имплементација на еден ваков проект потребна е добра едукација на населението кој отпад може да се компостира, а кој не. Едукацијата е важна и за лицата од комуналните претпријатија кои ќе го контролираат овој процес, бидејќи самото одложување и селектирање на органски отпад на одредено место не значи и компостирање.

„За правилно зреење на компостот, неопходна е правилна селекција на отпадот. Тоа е процес во кој учествуваат одредени микроорганизми и при неправилно одбирање на отпад може наместо да се поттикне процесот на компостирање, може да се случи гниење. Заради тоа, мора да се знае дека граѓаните треба да селектираат правилно и да внимаваат што може да се компостира, а што не. На пример, отпад од овошје и зеленчук, лушпи од јајце, суви растенија, ситни суви гранки, струготини од дрвја, сено и слама, свежи лисја и жива ограда може да се компостира,  но, остатоци од месо и риба, млечни производи, мртви животни, измет од животни, коски, текстил, пластика, стакло и други неоргански суровини воопшто не се пожелни во компостната смеса“, вели Колева-Гудева.

Компостирањето во мали домашни компостари не е непознато во развиените земји. Колева-Гудева вели дека во Холандија, на пример, речиси секој земјоделец има свој компостер со кој успешно се ослободува од биоотпадот што се создава во процесот на производството на сосема еколошки начин. Смета дека добро е што постојат иницијативи за пренесување на овие практики и кај нас, особено заради тоа што на тој начин се намалува импактот врз животната средина и се продолжува векот на депониите.

„Ефектот од компостирањето, преку намалувањето на отпадот кој завршува на депонија, може да е огромен. Штета што во земјава немаме развиен систем на селекција на отпад, туку овие иницијативи се сведуваат на поединци, мали групи, невладини еколошки здруженија или делови од општини. Добро би било локалните самоуправи или институции да застанат за нив, за да овој процес добие масовност, а секако да се овозможи и да го контролираат обучени и едуцирани лица“, вели Колева- Гудева.

Во земјава, посочува, постојат референтни лаборатории кои можат да го испитаат хемискиот состав и да го утврдат квалитетот на крајниот продукт, компостот. Бенефитот од него е голем бидејќи преку ѓубрењето со компост во почвата се враќаат одредени микроорганизмии и органски материи кои ја подобрува нејзината структура.

Советниците на ЗХГ, со амандман бараа Градот Скопје да предвиди поставување на десет компостери. Тие, како успешен европски пример го истакнуваат францускиот град Безансон, каде што поставувањето на општински компостери за само шест години влијаело на намалување на количеството на комунален отпад за 30 отсто, а со пренасочување на биоотпадот од депонија во компостара, градот годишно штедел околу 800.000 евра. Советот на град Скопје, пак, поради недостаток на пари, усвои само една. Сепак, според Јовановски, очекуваат со ребалансот на буџетот за годинава, да бидат обезбедени дополнителни средства и за останатите компостари.

„Во првата фаза, односно со поставување на првата компостара, за која од Градот како можна локација ја посочија околината на урбаната градина Бостание, компостот ќе биде наменет за оплеменување на леите и јавните зелени површини во околината. Во втората фаза, со поставување на заштитна ограда и безбедносен систем, секој заинтересиран граѓанин е предвидено да добие картичка со која ќе има пристап до компостарата, каде што количеството на биоотпад ќе се мери, а корисникот за возврат ќе добие 10 отсто од тежината во компост“, вели Јовановски.

Градските власти, пак, не даваат информација до каде е реализацијата на овој проект кој беше масовно поддржан од граѓаните. Од Градот Скопје не одговорија на прашањата на редакцијата на Мета.мк, па не знаеме ниту дали воопшто имаат започнато некакви активности за реализација на првата градска компостара, ниту пак на која локација размислуваат да ја стават. Не ни доставија ниту информација колку пари се одвоени во буџетот за оваа намена, ниту пак кој ќе ја стопанисува и како ќе функционира.