Биологија, хемија и физика споени во предметот Природни науки ќе се учат во одделни модули

Со новата концепција во основно образование наставниот предмет Природни науки во кој ќе се интегрираат предметите биологија, хемија и физика ќе биде застапен и ќе се изучува во текот на сите одделенија во основното образование, започнувајќи од прво заклучно со деветто одделение. Од седмо до деветто одделение пак, во овој предмет ќе се интегрираат содржините и наставните теми од трите научни дисциплини, објаснува во видео обраќање, советничката од Бирото за развој на образованието, Ивана Мијиќ која учествуваше во подготовката на новата концепција.

„Во самиот наставен предмет Природни науки од седмо до деветто одделение ќе бидат развиени три одделни модули како што се модул биологија, хемија и модул физика. Со наставниот предмет ќе се обезбеди интегриран систем и ќе се обезбеди континуитет во изучувањето на научните дисциплини биологија, хемија и физика, a она што е важно е дека модулите ќе обединуваат содржини од научна област”, појаснува Мијиќ, која додава дека овие модули ќе корелираат меѓусебно и во текот на целата учебна година ќе се изучуваат синхронизирано и паралелно.

Анита Анѓеловска директорка на ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, која исто така учествуваше во подготовката на новата концепција, истакнува дека интегрирањето на историјата со граѓанското образование и содржини по географија е добро и потребно особено за учениците, се со цел тие да ја имаат врската со реалноста, да ги разгледуваат настаните, случувањата и промените од повеќе перспективи, да покажуваат проактивност, да развиваат критичко и креативно мислење, да развиваат способности и вештини за истражување и решавање проблеми.

Од Бирото за развој на образованието (БРО) рекоа дека учениците ќе учат историја, но на начин прилагоден на нивната возраст. По низата реакции во јавноста дека со новиот концепт ќе се бркаат наставници од училиштата, од БРО појаснија дека ниту еден наставник нема да остане без работа, напротив, ќе има потреба и од нови.