Поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, преку својот твитер-профил праша дали Европската народна партија (ЕПП) ќе реагира на политичката криза во Македонија, споделувајќи анализа за политичката ситуација во државата.
„Македонската владејачка партија си игра со оган во регион со сè поголема нестабилност. Дали ЕПП ќе реагира?“, праша Билт.
The Macedonia ruling party is playing with the fire in an increasingly volatile region. Will @EPP react? https://t.co/WMLhvBJJ2y
— Carl Bildt (@carlbildt) March 9, 2017
Денеска во Брисел се одржува самит на Европската народна партија пред одржувањето на Европскиот совет.
Минатата година на самитот на ЕПП, одржан во октомври во Мастрихт, Холандија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не беше поканет иако ЕПП е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, која е членка на оваа асоцијација на европските демохристијански партии.
Во Мастрихт бил поканет само премиерот Емил Димитриев, но тој одговорил дека нема да биде во можност да присуствува.
Портпаролот на ЕПП, Зигфрид Муресан, тогаш изјави дека на самитите на асоцијацијата се канат само највисоко рангираните политичари и поканата не може да се пренесе на друг.
– ЕПП на своите самити ги поканува највисоко рангираните политичари, кои припаѓаат на нашето политичко семејство, во случајот премиерот Емил Димитриев. Поканата за ваквите средби на високо ниво на ЕПП е лична и не може да се пренесе на друг. Премиерот Димитриев се извини дека нема да присуствува на состанокот поради претходно планирани обврски во неговата земја кои не можеле да се одложат – изјави Муресан.
Груевски присуствуваше на самитите на ЕПП во 2014 и во 2015 година.