fbpx

Билетот за едно возење се користи на дел од линиите, наскоро и апликација на ЈСП за мобилни

-

ЈСП – Скопје го пушти во функција билетот за едно возење на дел од линиите од скопскиот јавен превоз. Граѓаните кои патуваат кон Матка со автобус веќе можат да го купат електронскиот билет за едно возење, по цена од 50 денари. Од ова претпријатие за „Мета.мк“ велат дека се набавени 300.000 билети за едно возење, кои во многу скоро време ќе можат да се користат на сите градски и приградски линии и да се набават на сите продажни места и во автобусите.

– Бидејќи се работи за целосно нов производ, ЈСП – Скопје имаше потреба од воведување на целосно нови интерни процедури поврзани со организација на дистрибуција и евиденција на продажба на новите електронски билети за едно возење – ја објаснуваат од ЈСП причината поради која што досега не се пуштени целосно во функција овие билети.

Од ова јавно претпријатие за годинава ќе извршат набавка и на дополнителни 250.000 билети за едно возење, кои по потреба сукцесивно ќе се купуваат за период од 12 месеци, во случај да се јави недостиг на овие билети. Во автобусите од скопскиот јавен превоз се превезуваат месечно околу 4 милиони патници, така што ЈСП мора да планира потреба од дополнително количество на овие нови билети. За разлика од картичката „Скопска“, билетите за едно возење ќе бидат за еднократна употреба и нема да може да се надополнуваат.

ЈСП наскоро ќе стартува со кампања за новите можности и продукти за користење на скопскиот јавен превоз

Од ЈСП – Скопје велат дека пред пуштање во комерцијална употреба е новата апликација за паметни телефони, која на граѓаните ќе им овозможи преку нивните уреди да ги купуваат услугите од скопскиот јавен превоз, да ги планираат своите патувања со автобус и да добијат информации во реално време за возниот ред на јавниот превоз.

– Се прават финалните модификации на апликацијата кои по наше дополнително барање на крајните корисници треба да им овозможат што полесна употреба и користење на услугите – посочуваат од ЈСП.

Сепак, од претпријатието истакнуваат дека картичката „Скопска“ никогаш нема да може да се надополнува од страна на граѓаните од своите домови. Во иднина ќе се работи на можноста корисниците на јавниот превоз да уплатат средства преку веб – страната на ЈСП или преку наменска апликација на својата картичка „Скопска“, но корисниците ќе мора повторно да одат на некое од продажните места на ЈСП за да ја впишат уплатената сума на картичката.

Инаку, на задните врати во сите автобуси на ЈСП веќе се поставени додатни валидатори за картичката „Скопска“, кои може да ги користат граѓаните за побрз влез и излез од возилата. Треба да се покријат уште околу 70 возила на приватните превозници со вакви уреди во претстојниот период.

Воведувањето на новите услуги на ЈСП – Скопје има за цел да ја зголеми атрактивноста за користење на услугите на скопскиот јавен превоз. Билетот за едно возење, заедно со дополнителните валидатори во автобусите и новата апликација за паметни телефони, го имплементираше „Македонски Телеком“. Договорот меѓу ЈСП и оваа компанија беше склучен на почетокот од јули 2019 година, во вредност од над 2,2 милиони евра. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...