По вчерашната одлука на Советот на град Скопје за определување на цената на новиот билет за едно возење, од ЈСП Скопје појаснуваат дека јавниот превоз во Скопје нема да поскапи. Цената за едно возење од 50 денари ќе важи единствено за идните електронски хартиени билети, кои ќе бидат пуштени во функција на 1 ноември.

– Билетот ќе биде наменет само за еднократна употреба, хартиен со вграден безконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди, компатибилен со постоечката опрема, односно ќе се валидира безконтактно на постоечките валидатори – информираат од ЈСП.

Јавното претпријатие нарачало 300.000 билети за едно возење, но оттаму потенцираат дека нивното користење е првенствено наменето за граѓаните кои ретко користат јавен превоз, за луѓето од другите македонски градови и за туристите.

Покрај во автобусите, билетот за едно возење ќе може да се купи во билетарниците на ЈСП и во маркетите и трафиките низ Скопје.

Воведувањето на новиот билет за едно возење не значи дека ЈСП и приватните превозници се враќаат на стариот начин на наплата на билети. Токму поради тоа, цената на новиот билет е поскапа, за да ги обесхрабри граѓаните да го користат билетот за едно возење. Наместо неа, од ЈСП Скопје очекуваат граѓаните да продолжат со употреба на картичката „Скопска“ или со мобилни телефони да го плаќаат возењето.

– И натаму, пакетот билети за 10 возења чини 250 денари, валидирањето со електронски паричник чини 35 денари, валидација со мобилен телефон е 40 денари – велат од ЈСП.

Ова јавно претпријатие од есенва на граѓаните ќе им овозможи самите да ја надополнуваат својата картичка „Скопска“ од мобилен телефон, со што нема да имаат потреба да чекаат во ред на билетарниците на ЈСП. Со новата Андроид апликација на ЈСП ќе може да се добиваат информации за возниот ред на автобусите, а „Македонски Телеком“ од есенва треба да постави и валидатори на картичката „Скопска“ на задната врата на автобусите.