Вистиномер: Бил Гејтс пред 5 години зборувал за опасност од нови пандемии, а не конкретно за коронавирусот

-

На Фејсбук се шири објава со која се наметнува мислење дека основачот на „Мајкрософт“, бизнисменот и филантроп, Бил Гејтс, уште пред пет години предвидел оти токму годинава ќе има пандемија на ковид-19. Во случајот се манипулира со негово излагање на TED конференција за ебола, каде тој укажува дека светот не сторил доволно за да ја запре болеста и говори генерално за опасноста од појава на нови пандемии. Гејтс зборува оти во иднина може да се случи пандемија од вирусна инфекција, но не прецизира точно кој тип на вирус и која година. Тој воопшто конкретно не го спомнува новиот коронавирус – SARS-CoV-2, кој ја предизвикува болеста ковид–19, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Станува збор за пост во кој поранешниот бугарски фудбалер, Христо Стоичков, прашува: „Како можеше Бил Гејтс пред пет години да каже дека во 2020 ќе има пандемија?“ Стоичков, кој сега работи за една телевизија во Мајами, Флорида, во интервју за бугарски медиум искажува сомнеж за вистината за коронавирусот и притоа вели:

…Не може човек како Бил Гејтс пред пет години да каже, дека во 2020 година ќе има голема пандемија. Тие луѓе знаат за што станува збор, подготвени се за пандемија. Никој не може да ме убеди во обратното. Гејтс сега излегува и вели дека тешкиот период ќе заврши во 2021. Како може тој да знае, а да не знаат професори и специјалисти?

Не е првпат името на Бил Гејтс да се врзува за „светски заговори“ и да му се припишуваат изјави каква што е и наводното предвидување на пандемијата, а за кое говори Стоичков.

Во конкретниот случај се работи за манипулација со настап на Гејтс на TED конференција во 2015 година. Во периодот 2015-2016 година, ова е неговиот најпознат настап кој е широко цитиран од медиумите, но и речиси единствено обраќање на оваа тема од страна на Гејтс, според пребарувањата на Гугл.

 

На овој настан тој говори генерално за опасноста и искуствата со пандемиите, првенствено со еболата, која беше актуелна тогаш. Ако се погледне внимателно неговиот говор пред пет години, ќе се види дека тој зборува за еболата, за тоа дека светот не ја сфатил доволно сериозно болеста, многу малку инвестирал за да ја запре и оти не е подготвен за некоја наредна епидемија.

Гејст вели:

Да ја погледнеме еболата. Сигурен сум дека сите сте прочитале за тоа во весниците, имаше доста тешки предизвици. Внимателно го следев ова, користејќи алатки за анализа на случаите со кои го следевме искоренувањето на детската парализа. Како што гледате што се случуваше, проблемот не беше во тоа што постоеше систем кој не работеше доволно добро, проблемот беше што воопшто немавме систем. Всушност, прилично очигледно е дека недостасуваат некои клучни делови.

Тој зборува дека за еболата немало подготвена група епидемиолози, кои би оделе таму каде што треба, би виделе за каква инфекција станува збор и колку се раширила. Исто така, вели дека извештаите за случајот се добивале на хартија и биле многу непрецизни, а нивното објавување на Интернет одело со прилично задоцнување…

Значи, многу од тоа недостасуваше. И ова, всушност, беше глобален неуспех. Неможноста за подготовка може да доведе следната епидемија да биде драматично поуништувачка од еболата…, предупредува Гејтс.

Гејтс, меѓу другото, вели и дека една од причините што еболата не се раширила повеќе е што болеста не се пренесува по воздушен пат. Потсетувајќи на Шпанскиот грип од 1918 година, укажува дека во иднина може да се случи некој брзо пренослив вирус, што ќе се шири низ воздухот и може многу брзо да го зафати целиот свет. Значи, Гејтс зборува воопштено дека во некој нареден период може да се случи пандемија од вирусна инфекција, но без да прецизира точно кој тип на вирус и која година. Тој воопшто не го спомнува новиот коронавирус – SARS-CoV-2, кој е причинител на ковид–19.

Потоа, Гејтс говори дека генерално системот треба да биде поподготвен, да се искористат предностите кои ги даваат науката и технологијата за да се спречат разни здравствени катастрофи, па во таа смисла тој дава сугестии како светот може да ја подобри својата здравствена одбранбена стратегија. Завршувајќи го својот настап на крајот порачува:

Всушност, постои една позитивна работа што може да произлезе од епидемијата на ебола, а тоа е дека таа може да послужи како рано предупредување, повик за акција. Ако започнеме сега, можеме да бидеме подготвени за следната епидемија.

Како што може да се види, тој во ниту еден момент не посочува конкретно каква пандемија ќе има и кога точно таа би се случила, туку предупредува дека треба да бидеме подготвени за некоја следна епидемија.

Но, неговиот говор тука се претставува како да се однесува на коронавирусот, односно како Бил Гејтс да знаел дека токму во 2020 година ќе избувне оваа пандемија – вирусна респираторна инфекција предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2,  што не е точно, пишува Вистиномер.мк

 

 

Ураганот Милтон ја пустоши Флорида, има жртви и прекин на струја за повеќе од 2 милиони жители

Ураганот Милтон ја зафати Флорида како бура од трета категорија, внесувајќи уште поголеми штети на брегот кој сè уште е опустошен од ураганот Хелена кој се случи само пред...