Бил Гејтс повторно мета на медиумите што шират дезинформации на Балканот

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Црногорскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me анализира теорија на завера, фаќајќи се за видео материјал што тврди дека Бил Гејтс, основачот на Мајкрософт, е виновен за ширење на корона вирусот.

Текстови со таква содржина се појавиле на некои портали од српско-хрватското јазично подрачје. Во нив имало тврдење дека целта на новиот вирус било намалување на бројот на жители на Земјината топка.Тие се темелеле на документарец на руски јазик којшто е со постар датум, односно е објавен на Јутјуб во септември 2014 година со превод на српски, односно е преземен материјал емитуван на српската телевизија Палма.

Во документарецот се тврди дека зад заверата стои Дејвид Рокфелер, заедно со Руперт Мардок, Томас Глосен, Мортон Цукерман, Џери Спејер и други.

Во филмот има и сведоштва од некои што тврдат дека Рокфелер им ја објаснил целта, а во неа наводно се подразбира и вградување чип во луѓето преку кој тие би биле следени.

Raskrinkavanje.me потсетува дека Дејвид Рокфелер умрел пред три години, а и дека бројните тврдења, кои се поврзуваат со новиот корона вирус, се веќе одговорени. Притоа, станува збор за теории на заговор, односно без сериозен доказ се изнесува теза за некаков глобален план, со застрашувачки последици. Тврдењата за вакцините се одамна оспорени, пишува raskrinkavanje.ba.