Распределбата на буџетот за градската библиотека во Тетово „Кочо Рацин“ од страна на Министерството за култура се врши во сооднос 50/50 за книги на македонски и албански јазик, иако во оваа библиотека мнозинството читатели се Албанци, беше истакна денес на дебатата на тема „Читањето и младите“ што се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа, пренесува „Порталб.мк“.
Читателите на градската библиотека се жалат на малиот број книги на албански јазик, како и на неможноста да најдат книги за да ги позајмат. Велат дека иако има наслови кои фигурираат во системот на библиотеката, малиот број примероци придонесува речиси секогаш книгите да се веќе позајмени од некој друг.
Вработените во библиотеката објаснуваат дека библиотеката има простор од 200 квадратни метри, со што се ограничува бројот на нови книги кои можат да се купат. Покрај тоа, книгите на албански јазик се поскапи.
„Фондот доделен од Министерството за култура за библиотеката е 50/50 за книги на македонски и албански јазик. Бидејќи имаме повеќе албански читатели и книгите на албански се поскапи, имамене рамнотежа во понудата и побарувачката“, велат од библиотеката „Кочо Рацин“.
Градската библиотека во Тетово има од 3.000 до 5.000 редовни читатели, од кои најголем број се од женскиот пол. Библиотекарите информираат дека омилени автори за читателите и понатаму се странските.
Студентите побараа од директорката на библиотеката да го смени начинот на прием на електронска пошта од страна на библиотеката само на македонски јазик. Од друга страна, Њомза Имери Исмаили го образложи тоа со фактот дека системот COBBIS, што го користи библиотеката е словенечки, но дека сепак се работи на негово подобрување.