Безбедноста на Интернет зависи од нас, заштитете ги вашите лични податоци

Фото: Принтскрин

Интернетот ни дава брз пристап до информации од секој агол на светот, ни овозможува да останеме информирани за глобалните настани, обезбедувајќи подобро разбирање на светот и поврзувајќи нѐ на нови и значајни начини. Сепак, и покрај поволностите кои ни ги нуди, овој простор овозможува закани. Постојат полесни патишта за злонамерни активности (хакирање, кражба на идентитет и измама), а Интернетот придонесе и за брзо ширење на дезинформации.

Фондацијата „Метаморфозис“, по повод Светскиот ден за безбеден Интернет, потсетува за најчестите форми на криминални активности на Интернет, а тоа се кибер криминал (хакирање, фишинг измами, кражба на идентитет), онлајн измама (инвестициска измама, измама со добротворни цели, измами со техничка поддршка, измами со лотарија и награди), како и кражба на интелектуална сопственост (нелегална дистрибуција на материјал заштитен со авторски права (музика, филмови и софтвер, на Интернет).

„Заштитете ги вашите лични податоци, внимавајте кои лични информации ги споделувате на Интернет (име и презиме, адреса, телефонски број, финансиски информации, итн.). Користете силни лозинки, односно погрижете се да користите силни и уникатни лозинки, различни за сите ваши онлајн сметки. Редовно ажурирајте го вашиот софтвер – редовното ажурирање на софтверот, оперативниот систем и веб-прелистувачите може да ве заштити од безбедносни закани“, советува „Метаморфозис“.

Важно е да се проверуваат поставките за приватност на вашите социјални медиуми и други онлајн сметки за да се осигурате дека ги споделувате само информациите што сакате да бидат јавни. Потребно е да користите двофакторска автентикација, односно дополнителен слој на безбедност за вашата сметка. Најавете се со лозинка и единствен код испратен до вашиот мобилен уред.