Безбедноста на интерент во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) е една од темите на дводневниот форум на националните безбедносни агенции што почна денеска во Подгорица.
Форумот кој го организира Регионалниот совет за соработка (РСС), прераснува во традиционалнен начин на соработка и на градење доверба меѓу безбедносните агенции од земјите од ЈИЕ, меѓу кои и Македонија.
Меѓу темите на оваа конференција, како што е официјално соопштено, ќе бидат и соработката во областите на образованието и на обуката, како и поставување заедничка веб-страница на националните безбедносни агенции од ЈИЕ.
Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изјави дека форумот на безбедносните агенции не е цел сам по себе, туку дека прераснал во средство за подобра соработка и за зголемување на безбедноста и на довербата.
Шефот на црногорската Национална безбедносна агенција, Саво Вучиниќ, изјави дека иако е забележлив напредокот во безбедносната состојба во регионот, тој сè уште се соочува со значителни предизвици, поради што се потребни размена на искуства, добри практики и идеи.
Регионалниот совет за соработка е оперативно тело на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Македонија.