Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
„Мал но битен детал што никој не го споменува. Huawei Safe City е систем за препознавање на регистрации на возила, но и на лица (facial recognition). До Big Brother во кинески стил со препознавање и контрола на лица на сите јавни површини не делат само повеќе камери и компјутери за процесирање на сликите. Со безбедноста на сообраќајот само најдоа повод за воведување.
Можеа проблемот одамна да го решат на поедноставен и далеку помалку драконски начин, преку сообраќајни контроли (кои ги нема или се ретки во Скопје), и со непропуштање од страна на јавното обвинителство на ноторните криминалци и наркомани татини синови што возат 100 км/час низ Партизанска и убиваат деца на пешачки. Класична хегелијанска дијалектика, типична за мизантропскиот глобалистички систем: креирај проблем, а потоа спроведи драконско апсурдно решение за истиот, кое всушност попатно на мала врата имплементира и друга непопуларна агенда.
Или прикажано со формулата:
Теза + анти-теза = синтеза
Можеби некој ќе се сети на еден друг најавуван, добро подготвен и увежбан проект, при што се креираше вирус во лабораторија и соодветна паника низ народот, за да се воведат „експериментални“ и докажано штетни третмани и ред нарушувања на слободата на движење преку полициски часови и вакцинални пасоши (кои повторно се појавуваат во форма на „дигитален идентитет“ во спрега со камерите).
Плус си најдоа голем вруток на пари за во буџетот, што можат да се перат на најразлични начини или со нив да се купува социјален мир и избори.
~20.000 казни дневно Х ~15 евра Х 365 дена = 109 милиони евра
Лукавиот секогаш тепа повеќе муви со еден удар.“
Објавата на почетокот тврди дека со воведувањето на системот „Безбеден град“ (Сејф сити) се прави обид за вовед на кинескиот социјален кредитен систем, што не е точно. Имено, системот „Безбеден град“, како што претходно веќе пишуваше Вистиномер, не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, и како што се тврди од надлежните, без нарушување на приватноста. Дигиталната трансформација е механизам за подобра заштита на граѓаните, а не закана за нивната слобода.
Кога системот од следната година ќе биде целосно пуштен во функција, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Од друга страна, кинескиот социјален кредитен систем е систем со големи податоци за следење и обликување на деловното однесување и однесувањето на граѓаните, а достигнува и надвор од границите на Кина.
Системот се користи за масовно следење, серија процеси овозможени од големи податоци и вештачка интелигенција кои ефективно им даваат на субјектите социјален кредитен рејтинг врз основа на нивното социјално, политичко и економско однесување.
На луѓето со ниски резултати може да им се забрани да пристапуваат до одредени услуги, вклучувајќи летови и патувања со воз, или пак, да се стават на црната листа, додека оние со високи оценки можат да пристапат до привилегии.
Критичарите на кинескиот социјален кредитен систем велат дека тоа е алатка за општествено следење и политичка репресија, но кинеската влада вели дека тоа е начин за зајакнување на административната ефикасност и охрабрување на довербата и моралното однесување на нејзините граѓани.
„Луѓето можат да бидат ставени на црна листа за прекршоци како што се пушење во возови, користење истечен билети или неплаќање казни, како и ширење лажни информации или предизвикување проблеми на летовите, според изјавите објавени од кинеската Национална комисија за развој и реформи во март. Граѓаните со високи кредитни оценки можат да пристапат до подобри хотели, домови за изнајмување, па дури и училишта; додека на оние со ниски кредитни оценки може привремено или трајно да им биде забрането да се возат во авиони или возови, како што се случи со 6,15 милиони луѓе во 2017 година, според податоците на самата влада“, пренесува Гардијан во својот текст објавен во јуни 2018 година.
Оттука, не може да се прави никаква споредба на системот „Безбеден град“ со кинескиот социјален кредитен систем.
Понатаму, објавата што ја анализираме тврди дека пандемијата на ковид-19 била „добро подготвен и увежбан проект, при што се креираше вирус во лабораторија и соодветна паника низ народот, за да се воведат „експериментални“ и докажано штетни третмани и ред нарушувања на слободата на движење преку полициски часови и вакцинални пасоши“.
Не е точно дека пандемијата била однапред подготвен проект со креиран вирус во лабораторија за да се ограничи и контролира движењето на луѓето.
Теоретичарите на заговор кои тврдат дека пандемијата била лажна постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе злосторство, односно геноцид на човештвото.
Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија.
Сертификатите за патување кои беа воведени во Европската Унија во времето кога ковид пандемијата беше во својот подем и не беше извесно како ќе се развива вирусот и дали ќе придонесе за уште подевастирачки ефекти, односно загуби на човечки животи. Па, затоа за патување беше воведен сертификат со вакциналниот статус на граѓаните. Вакцинални сертификати се користеа во сите 27 држави на ЕУ и во 50 други држави.
Во ситуации кога пандемијата беше опасна, вирусот се ширеше непредвидливо, се губеа човечки животи, здравствените системи беа оптоварени, конкретно во Северна Македонија имаше ситуации во коишто немаше слободен кревет во болниците… Во една таква загрижувачка ситуација и С. Македонија се приклучи кон начинот на контрола на ширење на вирусот, прифаќајќи ги вакциналните сертификати. Тоа важеше и за лицата кои од странство доаѓаа во С. Македонија како туристи или за други потреби, за да се држи под контрола ширењето на вирусот. Беше пуштена во употреба и дигиталната мрежа за сертификати.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме ништо од ова не беше со цел да се контролира движењето на луѓето и да се репресираат нивните слободи, туку беше со цел да се контролира ширењето на вирусот и неговите страшни последици врз населението кои доведоа до милиони смртни случаи ширум светот.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.
