Фото: klimkin from Pixabay

Еден од критериумите за членство во Европската Унија е искоренување на корупцијата. Но, Северна Македонија и соседна Албанија добија голем број критики во меѓународните извештаи за борбата против оваа негативна појава. Некои дури истакнуваат дека РСМ и Албанија наместо напредок имаат забележано назадување. Експертите проценуваат дека главната причина за слабата борба против корупцијата е недостатокот на политичка волја и желба да се соочиме со оваа појава, без разлика дали станува збор за корупција на ниско ниво или на високо ниво, пишува Порталб.мк.

Оценки од извештајот на Транспаренси Интернешнл

Иако се земји кандидати за членство во ЕУ, нивото на корупција во Северна Македонија и Албанија и понатаму е високо.

Кога станува збор за борба против корупцијата, Северна Македонија наместо напредок има назадување. Ова го покажа и последниот меѓународен извештај на „Транспренси Интернешенел“ (ТИ).

Според индексот на перцепција на корупцијата, Северна Македонија се најде на 111-то место од вкупно 180 земји вклучени во истражувањето. Во 2019 и 2018 година земјата беше рангирана на 106, во 2017 на 107 и во 2016 на 90 место.

Иако е неколку позиции пред Северна Македонија, кога станува збор за нивото на корупција, ниту соседна Албанија нема задоволителна позиција. Во последниот извештај на ТИ, Албанија е рангирана на 104-то место. Албанија беше рангирана на 106-то во 2019 година, додека во 2018 беше 99, во 2017 91 и во 2016 година 83.

Оценки од извештајот на „ГРЕКО“

Петтата рунда оценки на „ГРЕКО“, за Северна Македонија заклучи дека од вкупно 23 предложени препораки, земјата има исполнето само четири, девет се делумно спроведени и девет не се спроведени воопшто.

Годишниот извештај за 2020 година објавен од „ГРЕКО“, годинава беше попозитивен за соседна Албанија. Во извештајот се наведува дека Албанија исполнила 9 од 10 препораки на „ГРЕКО“. Но, во еден специфичен периодичен извештај за Албанија, на почетокот на декември 2020 година, „ГРЕКО“ забележа дека нивото на корупција останува високо и во јавниот и во приватниот сектор.

„Потребна е поголема транспарентност со финансирање на партиите, континуирана реформа во правосудството и ветинг во државната полиција“, се вели во извештајот.

Оценки од извештајот на „Фридом Хаус“

Критика кон земјите од регионот донесе и последниот меѓународен извештај од „Фридом Хаус“, и Северна Македонија и Албанија и понатаму остануваат земји со хибридни или преодни демократии. Меѓународната организација ја оцени слободата во Северна Македонија со 66 од вкупно 100 можни поени, што е зголемување за 3 поени во споредба со претходната година. Во извештајот се забележува дека земјата продолжува да се соочува со корупција, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и закани.

„Корупцијата останува сериозен проблем и има широко распространета неказнивост за корумпирани владини претставници, членови на парламентот и судството. Иако во Извештајот за напредокот на ЕУ за 2020 година ги пофали одржливите реформи во Северна Македонија, а и понатаму има појава на сериозни скандали на корупција и набавки“, се истакнува меѓу другото во извештајот на Фридом Хаус.

И Албанија е оценета со 66 поени од можни 100 поени, индексот на демократијата опаѓа втора година по ред, од 3,82 на 3,75. Во Албанија, двата индикатори со најнизок рејтинг се корупцијата и независноста на судството.

„Корупцијата во судството останува сериозен проблем и пресудите на високи судии за корупција и злоупотреба на моќ се вообичаено ретки. Судските постапки можат да подлежат на корупција во судскиот систем и понекогаш се затворени за јавноста. Правната помош не се обезбедуваат секогаш за оние кои не можат да сами плаќаат“, се вели меѓу другото во извештајот за Албанија.

Во кои области преовладува корупцијата во РСМ и Албанија?

Упатените во антикорупциските проблеми велат дека во регионот корупцијата доминира во скоро секој сектор од јавниот живот. Претседателката на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, Слаѓана Тасева, изјави за Порталб.мк дека каде има моќ има и корупција.

„Со години, корупцијата е поврзана со власта, така што мора да бидете таму каде што навистина можете да имате моќ да донесувате одлуки од кои некој може да има интерес да корумпира. Значи, сите оние области што се поврзани со власта, најголемиот дел е поврзан со јавните набавки. Но и во однос на вработувањето. Но и во однос на вработувањето. Како што знаеме, во нашата земја владата е најголемиот работодавач и за да бидете вработени мора да бидете член на политичка партија и сето тоа потоа води кон корупција“, изјави Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.

Општо, во Албанија, корупцијата преовладува во многу области на јавниот и деловниот живот и останува проблем кој загрижува.

„Донекаде е тешко да се зборува со голема сигурност бидејќи студиите спроведени до денес се делумни и не ги опфаќаат сите сектори/области ниту разните форми на корупција. Извештаите на ЕК постојано известуваа за Албанија дека корупцијата останува широко распространета во сите сектори.

Во последниве години се направени позитивни чекори во некои области, како што се онлајн услугитете. Ова, пак, доведува до намалување на ниското ниво на корупција (мито, итн.). Но, она што многу извори, вклучително и студии за ИДМ и неодамнешната студија што ја спроведовме со извештајот на ТИ е дека високата корупција е зголемена, па дури и достигнала нивоа на заробување на државата. Со оглед на тоа дека неказнивоста беше придружник на албанската транзиција, не е изненадување што корупцијата достигнува такви форми развиени сè до заробувањето на државата. Во однос на секторите – би рекол оние што се попрофитабилни, како што се градежништвото, концесиите на природните ресурси, јавните набавки итн.“, изјави Ѓерѓи Вурмо, автор на извештајот на „Фридом Хаус “во Албанија.

Високата распространетост на корупцијата и во Северна Македонија и во Албанија, експертите едногласно ја оценуваат како последица на недостатокот на политичка волја и желба за промена на ситуацијата.

Корупцијата во судството е на чело на предметите поднесени до ДКСК во Северна Македонија

Во 2020 година, 64 отсто од предметите пријавени во Државната комисија за спречување на корупцијата во Северна Македонија се однесуваат на корупција во различни сфери. Во годишниот извештај на оваа институција се вели дека:

  • 58 отсто од пријавите за корупција се за судството,
  • 32 отсто – урбанизација и просторно планирање,
  • 29 отсто – извршна власт,
  • 16 отсто – изборен систем,
  • 15 отсто – средно образование
  • 15 отсто – основно образование
  • 10 отсто – регулатори

Во текот на 2020 година Антикорупциска доби двојно помалку пријави споредено со 2019 година. Членовите на Антикорупциска велат дека иако бројот на пријави драстично опаднал, тие донеле двојно повеќе одлуки за случаи од минатата година. Другите поплаки поднесени до оваа институција се однесуваат на судир на интереси, статус на имот и финансирање на изборните кампањи.

Како и колку се бори против корупцијата во РСМ и Албанија?

Антикорупциската комисија во Северна Македонија работи со нецелосен капацитет, и покрај нивното барање за зајакнување на човечките ресурси и условите за работа. Од предвидените 60 вработени во оваа институција, работат само 23 лица. Државната комисија за спречување корупција во Северна Македонија работи со капацитет од 38 отсто. Недостигаат државни советници, каде наместо двајца планирани, во моментов нема ниту еден вработен. Кај административни службеници-раководители, наместо планираниот број од 15 вработени, има само тројца. ДКСК има во моментов 18 професионални административни службеници, иако планираниот број е 39.

Покрај Државната антикорупциска комисија, Северна Македонија има и Заменик-премиер на Влада ангажиран во борбата против криминалот и корупцијата, одржливиот развој и човечките ресурси. Пред извесно време, премиерот Зоран Заев заедно со Николовски објавија дека владата изготвила државен план за борба против корупцијата. Официјалните лица се на мислење дека благодарение на овој план никој нема да биде недопирлив и дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата. И покрај важноста на овој план, Антикорупциската комисија не била информирана и веста за овој план тие ја добиле од медиумите.

Тасева, меѓу другото, за Порталб.мк изјави дека овие две институции не се доволни во борбата против корупцијата, сепак, многу важно е овие две институции да бидат координирани и да соработуваат.

Што се однесува на Албанија, Ѓерѓи Вурмо, автор на извештајот на „Фридом Хаус“ за Албанија, вели дека земјата има институционален капацитет за да се бори против корупцијата, но сите механизми се фокусираат на борбата против корупцијата на ниско ниво, додека главниот проблем во земјата е корупција на високо ниво.

„Постои целосна институционална, правна и стратешка рамка за борба против корупцијата. Но, оваа рамка се фокусира главно на ниската корупција. Главниот проблем на земјата останува високата корупција и во овој контекст во моментот немаме јасни позитивни знаци“, рече за Порталб.мк, Ѓерѓи Вурмо.

Во 2018 година, Албанија го усвои Акциониот план 2018-2020 за спроведување на Меѓу-секторската стратегија за борба против корупцијата 2015-2020 година. Има координативен комитет што се состои од министер за правда (како Национален координатор за борба против корупција – НКБПК) и 10 заменици министри (антикорупциска мрежа на политичко ниво). Се состанува на секои 4 месеци за да дискутира и да го усвои извештајот за мониторингот на спроведувањето на антикорупциската стратегија. Во истата година беше усвоен Пасошот на индикатори, кој имаше за цел да стане главната алатка за следење што ќе ја користат НКБПК и креаторите на политики за ефикасно спроведување на Стратегијата.

Услови за интеграција во ЕУ и извештај на ЕК

Еден од основните услови кои некоја земја, со аспирации за интеграција во Европската Унија, мора да ги исполни е: почитување на сите стандарди и правила на ЕУ. Кога зборуваме за стандардите на ЕУ, почитувањето на основните човекови права и владеењето на правото се основни. Високото ниво на корупција во РСМ и Албанија е спротивно на основните стандарди на ЕУ. Кога станува збор за борба против корупцијата, и Северна Македонија и Албанија, во годишниот извештај на Европската комисија, се оценуваат како земји кои се умерено подготвени за да станат дел од ЕУ.

„Северна Македонија има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата. Постигнат е напредок во консолидирање на организацијата на истрагите, кривични гонења и пресуди за случаи на корупција на високо ниво. Државната комисија за спречување на корупцијата е особено активна во спречувањето на корупцијата и покрена голем број предмети, вклучително и оние што вклучуваат високи функционери од целиот политички спектар, во согласност со минатогодишната препорака“, се вели меѓу другото во извештајот на ЕК за Северна Македонија.

„Албанија има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата. Постигнат е добар напредок во период на известување. Албанските власти ги зајакнаа своите оперативни, координативни и мониторинг капацитети во борбата против корупцијата, исполнувајќи го условот за меѓувладина конференција. Албанија ги продолжи своите напори во правец на воспоставување солидна евиденција во истрагите, кривичното гонење и судењата на случаите на корупција“, се вели во извештајот на ЕК за Албанија.