fbpx

Без субвенции, билетот во градски автобус во Скопје би бил поскап (инфографик)

-

Субвенциите за покривање на загубите што ги продуцира скопскиот јавен превоз со години наназад се еден од главните причинители за одлевањето пари од градскиот буџет. Градот Скопје во годинешниов буџет има предвидено да издвои субвенции од 400 милиони денари за јавниот превоз, и тоа за потешкотии во работењето (250 милиони денари), за бесплатни билети (100 милиони денари), за систем за интелигентна наплата на билети, за АВЛ систем и за автобуски постојки (50 милиони денари). Дополнителни 20 милиони денари се планирани за превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.

Во зависност од потребите, планираните субвенции на годишно ниво од градскиот буџет не се искористуваат во целост од ЈСП – Скопје и од приватните превозници. Па така, од Градот Скопје лани биле издвоени 306 милиони денари како финансиска поткрепа за непречено функционирање на јавниот превоз. Во 2017 година биле наменети 420 милиони денари за субвенции, додека оваа сума во 2016 година изнесувала 331 милиони денари. Една година претходно, за оваа ставка од Градот Скопје се одлеале средства во износ од 240 милиони денари.


(Кликнете на годината за да ја видите и висината и структурата на субвенциите) 

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет од Битола, потенцира дека никаде во светот јавниот превоз не успева самиот да ги покрие трошоците на работење од продадените билети. Тој потенцира дека разликата меѓу приходите и трошоците во јавниот превоз не е никаков подарок, бидејќи транспортните претпријатија се принудени да работат со ниски цени на билетите кои не се доволни да ги покријат реалните трошоци.

– Различни земји применуваат различни решенија за покривање на трошоците на работење на јавниот градски превоз – посочува професорот Крстаноски. За неговото непречено функционирање, се користат директни средства од буџетот, но и индиректни преку повластени цени за гориво и резервни делови, воведување на еко такси и даноци за возила, такси при плаќање на регистрација на возила, наменски такси за производи и услуги и самопридонес од граѓаните. Во Франција, додава професорот Крстаноски, фирмите со над 10 вработени во сите градови поголеми од 100.000 жители мораат да одвојат процент за јавен превоз од доходот на вработените.

Податоците на ЈСП покажуваат дека вклучувањето на нови категории на патници што користат бесплатни билети доведува и до зголемување на субвенциите од Градот Скопје за оваа ставка. За разлика од кај нас, во поголем дел од развиените земји не постои можноста за бесплатен превоз на студентите, средношколците или пензионерите. Наместо да се возат бесплатно, овие категории на граѓани најчесто плаќаат билети со значителни попусти, кои пак ги стимулираат секојдневно да го користат метрото, трамвајот или автобусот при своите патувања.

Искуството во Скопје од воведувањето бесплатни билети не е позитивно. Наместо да расте, статистичките податоци велат дека последниве неколку години се намалува бројот на превезени патници во јавниот превоз. Преголемите гужви во некои денови кога има бесплатен превоз за одредена категорија на граѓани доведува до тоа некои граѓани да го одбегнуваат јавниот превоз и да користат сопствен автомобил или такси.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...