Советот на јавни обвинители го усвои барањето на обвинителката Ленче Ристоска за престанок на нејзината фукнција во Осносното јавно обвинителство – Скопје на денешната седница.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, информирше дека нејзиното барање е усвоено, откако Ристоска си поднесе оставка на 2 април 2026 поради политички притисок од премиерот и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а откако новиот државен јавен обвинител Ненад Савески ја отстрани од двата случаи токму против најголемата владејачка партија.

„Овде нема расправа, констатирам дека е усвоено барањето за престанок на функцијата на Ленче Ристоска“, рече Бесими на седницата.

Бесими, за причините за оставката на Ристоска, во изјава за медиумите по седницата рече дека нема да коментира бидејќи работата на Советот е само да констатира престанок на функцијата.

„Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката. Согласно законот, секој обвинител има право во секое време да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме“, изјави Бесими.

Ристоска си поднесе оставка од позицијата на 2 април, бидејќи, како што рече, повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност. Таа во соопштение до јавноста потсети дека неколку дена претходно Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза, мислејќи на предметите против владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да делувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“, напиша Ристоска во соопштението за медиумите.

Ленче Ристоска се повлече од функцијата јавна обвинителка поради политички влијанија