fbpx

Без пластични кеси – повидлива Зелена агенда

-

Неодамна беше објавено дека во Македонија веќе првиот месец по забраната на употреба на неразградливи пластични кеси, нивната употреба (во маркетите) се намалила за 4-10 пати, а остварен е и приход од продажбата на пластични кеси од 235.000 евра. Конечно – тоа е добра вест.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Да ја погледнеме најпрвин пошироката слика – каде се наоѓаме во европски, но и глобални рамки. Според извештај на Обединетите нации од 2020 година, две третини од државите членки на ООН вовеле некаков вид на регулатива за да ја ограничат употребата на пластични кеси. Тоа се забрани за употреба, различни видови даноци и надоместоци или комбинација на мерки. Најчести се забраните за користење во трговијата, но има и забрани, како и посебни даноци за производството и увозот.

 

Според www.statista.com, држави кои воведуваат забрана или други мерки за отстранување од употреба на пластичните кеси

Различни пристапи има и во Европската унија. Тоа ги овозможува Директивата за пластичните кеси од 2015 година (со која всушност е изменета рамковната Директива за отпад и пакување на отпадот од 1994 година). Таа им дава избор на државите членки: или да ја забранат употребата на пластичните кеси, или да преземат мерки со кои ќе обезбедат секој жител на нивната држава просечно да троши најмногу 90 кеси годишно (до крајот на 2019 година) односно 40 кеси годишно (до крајот на 2025 година). Проценката е дека во 2018 година секој жител на ЕУ просечно трошел 200 пластичи кеси годишно. Студијата на Републиканскиот институт во Македонија од 2020 година презентира податок дека секој македонски жител троши 2,15 кеси дневно, односно 785 кеси годишно. Тоа значи дека во старт сме биле далеку над европскиот просек.

Државите членки на ЕУ се обврзани годишно да даваат извештаи за спроведувањето на обврските во врска со пластичните кеси според единствена методологија, а Европската комисија треба да ја оцени ефективноста на мерките во извештај што ќе го достави до Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Нам ни се неопходни податоци прибрани по иста методологија на подолг рок за да може да се споредуваат ефектите од донесените мерки.

Според Асоцијацијата за управување со посебни текови за отпад, пластичните кеси како волумен и видлив загадувач се најприсутни, но како тежина претставуваат само 2-3% од вкупно 120.000 тони од пакување годишно во Македонија. Оттаму, неопходно се наметнува и прашањето на мерки за другите видови пакување, а секако и за поширокиот проблем генерално на отпадот.

Во меѓувреме, во 2019 година, Европската унија донесе нова директива за намалување на влијанието на пластиката за една употреба, со која се забранува употребата на пластични памучни стапчиња, прибор за јадење, чинии, сламки, мешалки и стапчиња за балони, оксоразградлива пластика, како и садови за храна од експандиран полистирен (популарно попознати како пакувања за храна од стиропор), а опфатени се со други мерки и други пластични производи. Државите членки на ЕУ оваа Директива веќе мораат да ја применуваат од јули оваа година.

Резултатите на научни истражувања на глобално ниво предупредуваат на проблемите во спроведувањето на забраната за пластични кеси и воопшто намалувањето на употребата на пластика за една употреба. Додека во развиените земји тие главно произлегуваат од отпорот на производителите, во земјите во развој тоа се неефикасните системи за управување на отпадот, но и недостатокот на средства за поттикнување на циркуларната економија.

За жал, токму ваквите проблеми кај нас ги согледува Државниот завод за ревизија во неговиот извештај од ревизијата на успешност „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“ објавен пред една година. Загрижувачки е основниот наод од овој Извештај, според кој „политиките, мерките и активностите преземени од страна на надлежните институции за воспоставување на интегриран систем за управување со пластичен отпад не се ефективни и не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден пластичен отпад, ефикасно искористување на употребливите состојки на отпадот и целосно почитување на начелата за управување со отпадот.“ Воведувањето дестимулативни мерки за користењето на пластични кеси и настојувањето за нивно отстранување од употреба беше само една од вкупно 49-те препораки од овој Извештај.

И покрај тоа што се чини дека е само врв на ледениот брег, потребно ни е забраната за употреба на пластичните кеси да даде резултати, зашто тоа би бил еден видлив резултат поврзан со Зелената агенда, со надеж дека ќе биде само вовед во еден многу посериозен од досега пристап кон управувањето со отпадот воопшто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...