Украинскиот документарен филм „Облаците се движат со голема брзина“ (Летять хмари з великою швидкістю/Clouds move with great speed) на режисерот и снимател Роман Островски и продуцентката Ирина Кипоренко ја доби главната награда за најдобар филм на 26. издание на go East, Фестивал на филмови од Централна и Источна Европа во Визбаден, Германија (21-27 април 2026), во конкуренција на 16 документарни и играни филмови.
Основан и форматиран во 2001 како фестивал со цел Западна Европа да се отвори за мислите, сликите, митовите, приказните, културите и филмовите од соседите од Централна и Источна Европа и кавкаскиот регион, Филмскиот фестивал goEast две и пол децении гради мостови за подобро меѓусебно разбирање на „стариот континент.“
Поглед на Исток
И годинешното издание на goEast ја продолжува мисијата на креирање на фестивалската програма пред сè како одговорност кон публиката и општеството, па како што истакнаа организаторите, „покрај широкиот натпреварувачки дел и интензивните средби во киносалите, годинешниот фестивал вклучуваше гостувања на меѓународно признати филмски режисери и претставници на филмски институции. Овогодишниот симпозиум, насловен како „Кинематографски стратегии на отпор“, беше пречекан со многу висок степен на ентузијастичко учество и распродадени кинопроекции“.
Меѓу останатите настани, фестивалскиот портрет беше посветен на делото на романската продуцентка и претседателка на Европската филмска академија, Ада Соломон, прикажувајќи наслови од нејзиното богато портфолио на играни и документарни филмови во кои доминира критичката нота за историјата и модерното општество, обременети главно со конзервативни и антисемитски наративи. А со тематската програма насловена „Револуција“ GoEast истражуваше нови територии преку општествено релевантни панел дискусии и длабински размислувања за значењето на филмот и киното за општеството.
Во таква креативно-критичка атмосфера, секако дека goEast со очи ширум отворени ги следи невралгичните точки на загрозените слободи на источната страна на европскиот континент. На таа „мапа на бесчестието“ секако дека целосната воена инвазија на Русија врз Украина, започната во 2022, сè уште е најболната точка во непочитувањето на најосновните морални вредности. Затоа, документирањето на воените злосторства кои се резултат на четиригодишната руска воена агресија врз Украина станува услов без кој не може да се (за)мисли слободарскиот свет.

Оловните облаци над Украина
По започнувањето на целосната воена инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022, Островски со неговото претходно искуство на филмски снимател се пријавил да волонтира во украинската армија со желба да помогне таму каде што може. Започнал да ги документира трагичните искуства на луѓето на кои ги среќавал во Киев и околината, засипани со руски ракети и дронови.
Лишен од какви било естетски дотерувања, реализиран во долги кадри со камера од рака и основниот тон без постпродукциски ефекти, филмот „Облаците се движат со голема брзина“ на Островски прикажува три приказни, а протагонистите се на различна возраст и животна преокупација.
Тетјана е жителка на Бахмут, еден од првите градови кои беше тотално разрушен. Таа треба да се евакуира, и освен две ќеси со облека и спомени на домот, посакува само да си ја најде нејзината миленичка-мачката и да ја понесе со неа во неизвесноста на бегалскиот живот.
Буриј е член на спасувачкиот тим кој се обидува да спаси ранет украински војник, превезувајќи го со возилото на брзата помош до најбилскиот военомедицински пункт. Носилката е полна со крв…
Рибарот Вадим е жител на областа Киев кој изгубил пет члена на семејството во руските воздушни напади врз станбената зграда во која живееле. И по две поминати години посмртните останки на членовите на потесното семејство на Вадим сè уште не се идентификувани. Вадим со морничава студенина го набљудува секое наредно откопување на рушевините, надевајќи дека ќе најде барем некој посмртен останок од најблиските за да може достојно да ги погреба. Досега се пронајдени остатоци од тела на 29 лица, но ужасното бомбардирање не оставило ниту можност тие да бидат идентификувани. Единствено што Вадим може да препознае се деформираните клучеви од неговата изгорена гаража.
„Облаците се движат со голема брзина“ е реализиран токму како сиров документарен материјал во кој трогателните судбини на протагонистите се пренесени без плач и лелек, туку со ретко виден стоицизам во трагичните моменти. Затоа се повеќе од важен документ за страдањето на украинскиот народ по целосната воена инвазија на Русија.
Пишува: Стојан Синадинов (од Филмскиот фестивал goEast во Визбаден, Германија)
