Без компетентни наставници нема квалитетно средно стручно образование

Лулзим Алиу, заменик-министер за образование и наука. Извор: МОН
Лулзим Алиу, заменик-министер за образование и наука. Извор: МОН

Без компетентни наставници кои континуирано се надградуваат, нема унапредување на средното стручно образование. Затоа е направена платформа ИНОВЕТ што денес ја промовираме за да служи како дигитална база на наставниците во нивниот професионален развој, да им овозможува на едно место да добијат информација за обуки и курсеви за стручно усовршување и да можат онлајн да ги реализираат истите, рече денеска заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, на настан посветен на дигитализацијата на средното стручно образование во организација на Центарот за стручно образование и обука и проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ финансиран од Швајцарската амбасада.

Тој кажа дека преку е-библиотека, наставниците имаат пристап до материјали за стручно усовршување, а можат и меѓусебно да комуницираат и да споделуваат искуства и инструкции.

„Со искористувањето на придобивките од овие дигитални алатки кои досега не постоеја кај нас, наставниците постојано ќе се усовршуваат во својата работа, а од друга страна ќе придонесат за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, бидејќи и понатаму тие се најважната алка во овој процес и во пренесувањето на знаењето кон учениците“, рече Алиу.

На промотивниот настан учествуваа и директорот на Центарот за стручно образование и обука Шериф Мифтари, претставници од швајцарскиот проект Образование за вработување на Северна Македонија (E4E@мк), како и директори и наставници од поголем број на средни стручни училишта. Зборувајќи за важноста на дигитализацијата во стручното образование и обука, директорот Мифтари рече дека Центарот за стручно образование во изминатиот период освен што работеше на воспоставување на платформата inovet.edu.mk, исто така се посвети и на програмата за безбедност и здравје при работа, на дигиталните обуки за наставниците, феријалната пракса, учењето преку работа и процесите на ориентација.

Тој ги промовираше и новите обучувачи на ментори во компанија, чие место во процесот на практичната обука на учениците во компаниите е исклучително важно.

Учесниците на настанот се осврнаа и на новиот конкурс за упис во средни училишта, кој е веќе објавен на веб страницата на МОН и во печатените медиуми, а каде акцентот повторно е ставен на средното стручно образование и дуалните паралелки кои се формираат во соработка со приватниот сектор.