Бесправната сеча на дрвјата цвета, дрвокрадците тешко стигнуваат до казни за кривичните дела [инфографик]

Photo by Pietro De Grandi on Unsplash

Живеат во една општина, но со дрвокрадство се занимаваат на територијата на друго населено место, оперираат во групи од 10 до 30 луѓе кои имаат ниски социјални стандарди, дејствуваат со возила „Лада Нива“ и камионети „ТАМ“, вооружени се и агресивни и добро организирани меѓу себе. Ова се најчестите карактеристики на дрвокрадците коишто ги пустошат шумите во земјава. Главен мотив им е сиромаштијата и социјалната маргинализација, а бесправната сеча на дрва ја користат за да заработат. Ова се дел од наодите до кои дојде истражувањето чии резултати денеска беа промовирање од ЕВРОТИНК во извештајот „Истоштени шуми – мапирање на организиран криминал во форма на бесправна сеча“.

Според истражувањето на ЕВРОТИНК, засадената површина под шума во земјава официјално од година во година расте, но бројот на вработени во секторот Шумарство, коишто се грижат за опстанокот на шумскиот фонд, се намалува низ годините.

ЕВРОТИНК во истражувањето извршиле деск-анализа на пријавите за кривични дела, предметите, динамиката на нивното спроведување во судовите и крајните исходи од процесите во кои се гонат дрвокрадците, а спроведени биле и 15 неструктурирани анонимни интервјуа во Струмица, Велес, Прилеп и Гевгелија со лица коишто на директен или индиректен начин се инволвирани во бесправната сеча на дрва (претставници на институции, поранешни протагонисти на бесправната сеча, новинари, активисти и други).

„Она што е симптоматично и тоа што го има во Извештајот е работата на јавните обвинителства и основните судови“, посочува Александар Стојановски, постар истражувач при ЕВРОТИНК.

Александар Стојановски, ЕВРОТИНК; Фото: Мета.мк

Тој додава дека истражувањето покажало оти ситуацијата е поприлично загрижувачка во однос на справувањето со бесправната сеча на дрва, особено во делот на работењето на одредени јавни обвинителства, како што е тоа во Прилеп.

„Најслабите карики во моментов, според она што го гледаме, би било постапувањето на обвинителствата и судовите. Колку тие го сфаќаат како сериозен, приоритетен, овој проблем оние коишто треба да ги поднесат актите на кривични или прекршочни пријави и судовите коишто ги процесуираат“, изјави Александар Стојановски од ЕВРОТИНК.

За промовирање на изготвениот извештај, ЕВРОТИНК денеска организираше завршна конференција, на која се говореше за борбата на институциите против нелегалната сеча на шумите.

Фото: Мета.мк

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека обликот на криминал поврзан со бесправната сеча на дрва не е нималку наивен. Тој ги посочи податоците на МВР, кои покажуваат дека за периодот од 2016 до 2021 година евидентирани биле над 64.000 метри кубни бесправно исечени дрва. Проценетата материјална штета изнесува речиси над 169 милиони денари.

„Ако се додадат податоците и од другите институции, сосема сигурно дека се работи за криминал со крајно сериозни последици за зачувување на шумскиот фонд“, рече Спасовски.

МВР во овој период евидентирало 1.044 кривични пријави, а со нив биле опфатени 1.434 сторители.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски; Фото: Мета.мк

„Ова треба да биде едно од врвните приоритети ако сакаме да го сочуваме шумскиот фонд, меѓутоа и да ја заштитиме животната средина, а со тоа и здравјето и животот на граѓани“, рече министерот Спасовски, осврнувајќи се на дадените препораки во извештајот на ЕВРОТИНК за надминување на бесправната сеча на дрвата.

Авторот на изработениот извештај на ЕВРОТИНК, Мариглен Демири во обраќањето нагласи дека при изработката на извештајот најмногу ги интересирало процесуирањето на кривичните и прекршочните пријави поднесени против дрвокрадците.

Тој рече дека податоците од терен покажуваат дека Основното јавно обвинителство во Прилеп нема податоци за тоа колку кривични дела се спроведени во однос на делото „пустошење шума“, додека од Основниот суд во Прилеп од 2008 до 2020 година е откриено дека имале само една осудителна пресуда за две лица, и ниту една првостепена ослободителна пресуда. Токму проценките на подружницата на ЈП Национални шуми од Прилеп, покажуваат дека 16.949 метри кубни дрвна маса била бесправно исечена во периодот од 2014 до 2019 година, што е убедливо најмногу во споредба со останатите три региони - Велешкиот, Струмичкиот и Гевгелискиот регион.

„Овие податоци можат да се земат со резерва, поради фактот што интервјуата и теренските активности ни укажаа на тоа дека и овие податоци со кои располага ЈП Национални шуми би требало да се земаат со резерва. Дрвната маса која што на нелегален начин е испосечена е многу поголема, па дури според информациите коишто ги имаме ние, за 2 или 3 пати повеќе“, изјави Мариглен Демири.

Тој додаде дека истражувањето покажува оти Прилепскиот регион е епицентар на нелегалната сеча во земјава.

Саша Јовановиќ, раководител на одделот за шумарство и ловство во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство рече дека до 1990 година шумските кражби во земјава биле на минорно ниво, додека штетите од нив биле подносливи, за разлика од денес.

Тој рече дека Северна Македонија има институции, можеби и најмногу во Европа и нам не ни требаат повеќе институции, но она што ни е потребно се резултати за надминување на штетите коишто се големи.

Јовановиќ на дебатата посочи дека на земјава годишно ѝ биле потребни, односно имала потрошувачка на дрво во износ од 1 милион метри кубни дрво. Притоа, ЈП Национални шуми произведуваат околу 450.000 метри кубни, приватните субјекти произведуваат за себе и пласираат на пазар од 200.000 до 250.000 метри кубни, додека националните паркови во земјава годишно произведуваат од 50.000 до 70.000 метри кубни дрво.

„Одговорот ќе го добиете сами“, рече Јовановиќ во однос на тоа колкава е бесправната сеча на дрва.

Според ваквата пресметка, бесправната сеча на дрва годишно би можела да достигне и до 250.000 метри кубни дрво, добиена како разликата помеѓу националните потреби за дрво и легалното производство на дрвната маса од сите субјекти.

Јулијана Николовска, директорка на ЈП Национални шуми посочи дека на дел од овие дрвокрадци сечењето дрва им е начин на живот и заработувачка и најдобро би било да има нивно вклучување преку механизми, како селска сеча, во легалниот процес на производство, меѓутоа ова не е доволно.

„Мораме да признаеме дека за да постои овој криминал, дел од луѓето во институциите каде што сме ние, се веројатно вклучени. За ова има и претставки и луѓе коишто се гонети и дисциплински и криминално“, рече таа, објаснувајќи дека важно е во рамките на институциите да се спречат ваквите појави.

Јулијана Николовска, директорка на ЈП Национални шуми; Фото: Мета.мк

Николовска се осврна и на извештајот на ЕВРОТИНК, во којшто се нагласува дека бројот на вработени лица во секторот Шумарството во континуитет се намалува, иако во јавноста излегуваат информации за превработеност во ЈП Национални шуми. Таа посочи дека нивното претпријатие треба да има над 300 шумочувари на национално ниво, а во моментов имаат над 200 и најголемиот дел од нив се лица од постара возраст.

Николовска предупреди дека немањето на луѓе за работа е проблем не само во рамките на нивното претпријатие, туку и бројот на ученици кои се запишуваат во средно стручно образование и бројот на студенти на Шумарскиот факултет е исклучително мал, односно оваа образовна гранка е во изумирање и мора да се поработи на ова поле во иднина за да имаме стручен кадар што ќе ни го чува шумскиот фонд.

Марија Џибирова, обвинителка од Основното Јавно Обвинителство од Скопје рече дека јавните обвинителства постапуваат по предмети од кривичните дела коишто се однесуваат на пустошење на шумите, меѓутоа во обвинителствата не се води посебна статистика за овие кривични дела, а една причина за ова е малиот број на кривични пријави што се поднесени.

Таа додаде дека во 2020 година ОЈО, која што ги опфаќа делата поврзани со еколошки криминал, постапувале по кривични пријави против 407 лица. Само ОЈО Скопје во овој период поднело 21 кривична пријава. Таа истакна дека оваа статистика се однесува на целата глава наречена еколошки криминал. Бројот на кривични дела за пустошење на шума е помал.

Во последните две години се забележува дополнително намалување на кривичните пријави коишто се примаат во ОЈО, што веројатно е и последица на ковид-19 пандемијата.

„Исто така, резултат на ваквиот тренд претставува и обемот и квалитетот на доказите коишто се потребни за да се поднесе обвинение, за кое јавниот обвинител е обврзан да го докаже пред судот“, изјави обвинителката Марија Џибирова.

Џибирова додаде дека голем дел од поднесените обвиненија судот на крајот ги обвива. Причина за ова се прекршочните казни што ги добиваат дрвокрадците од шумската полиција. Кривичните постапки за кои подоцна дрвокрадците се гонат од обвинителството, судот ги одбива со образложение дека станува збор за ист настан за којшто обвинетото лице веќе било казнето прекршочно.

Мора да има координација меѓу институциите, за да се избегне во иднина јавниот обвинител да не биде во можност кривично да ги гони дрвокрадците, истакна обвинителката Џибирова.

Инаку, во Извештајот на ЕВРОТИНК се даваат посебни препораки за сите засегнати институции коишто треба да ја спречат бесправната сеча на дрва. Департизацијата на вработувањата и обуки се заедничката препорака до ЈП Национални шуми и Шумската полиција, која што пак и понатаму го очекува донесувањето на Законот за Шумска полиција.

Притоа, од ЕВРОТИНК ја нагласуваат препораката до јавните обвинителства и судовите за прифаќање на кривичните пријави и нивно проследување до судовите, односно за поревносно гонење на сторителите на бесправната сеча и соодветно архивирање на ваквите предмети и креирање на статистички податоци за делото „пустошење шума“.

Ова истражување на ЕВРОТИНК е всушност второ по редослед што го мапира организираниот криминал во форма на бесправна сеча на шуми, којшто се надоврзува на веќе објавениот прв извештај од 2020 година. Во првичниот извештај се анализираа состојбите во девет девет општини, коишто не беа вклучени во градовите коишто беа анализирани во денеска промовираниот извештај.