Бесплатно и доверливо тестирање со брзи ХИВ тестови во Младинскиот центар на ХЕРА

Во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во периодот од 22 до 29 ноември овозможува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“, лоциран во скопската населба Водно.

„Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман“, велат од ХЕРА.

Услугите ќе бидат достапни во периодот од 16 до 20 часот, и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Воедно, на граѓаните им е на располагање и мобилна андроид апликација Направи ХИВ тест преку која можат да дознаат за локациите низ земјава каде може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ.

Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со КОВИД-19, информираат од ХЕРА.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.