Бесплатните дозволи за паркирање за 13 пати побројни од паркинг местата на „Градски паркинг“ (инфографик)

Фото: Архива на Мета.мк

Хроничниот недостиг на места за паркирање во Скопје континуирано се зголемува низ годините. Податоците за 2019 година покажуваат дека бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите е за 13 пати поброен од бројот на паркинг места со кои располага ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, се наведува во Годишниот извештај за работењето на ова јавно претпријатие.

Заклучно со декември 2019 година, ЈП „Градски паркинг“ располагал со 8.999 паркинг места во главниот град, кои им се ставени на располагање и на станарите во зградите околу кои се наоѓаат паркинзите, но и на другите возачи. Наспроти ова, ЈП „Градски паркинг“ во текот на ланските месеци имал издадено вкупно 113.963 бесплатни дозволи за паркирање на станарите кај зонското паркирање и кај јавните паркиралишта во општините Центар и Аеродром. Ваквото штанцање на бесплатни дозволи за паркирање не соодветствува со можноста граѓаните да најдат слободно место на паркинзите со кои управува ЈП „Градски паркинг“.

Самото јавно претпријатие во документот признава дека загубениот приход поради издавањето бесплатни дозволи за повластената категорија „станари“ довело до изгубен приход од околу 200.000 евра. Причината за големата разлика помеѓу бројката на издадени бесплатни дозволи и достапни паркинг места е што во некои населби, како што е случајот со Општина Аеродром, станарите имаат можност да извадат и до три вакви дозволи за бесплатно паркирање кои се водат на иста адреса.

Големиот број на бесплатни дозволи за паркирање може да се увиди и од фактот дека во 2019 година биле издадени 9.461 ваква дозвола повеќе во споредба со претходната година. Од друга страна, ЈП „Градски паркинг“ лани успеало да оспособи дополнителни 921 паркинг место во Скопје, кои се ставени на располагање на граѓаните.

Проблемот со недостигот на паркинг места во Скопје се зголемува од година во година, поради неконтролираниот увоз на возила од странство и градењето на нови згради, надградби и доградби, без притоа да се обезбеди потребниот број на паркинг места. Како резултат на постојаното зголемување на бројката на возила, во некои скопски населби е невозможно да се пронајде слободно паркинг место. Ова прашање е најкомплексно во центарот на градот, каде бесплатна дозвола за паркирање не значи дека и станарите ќе успеат да обезбедат паркинг место на локациите со кои управува „Градски паркинг“ или „Паркинзи на општина Центар“.