Бесплатен јавен превоз од денеска – и во автобусите на ЈСП и во тие на приватните превозници, миење на улиците и контрола на градилиштата и на возилата што ги напуштаат градилиштата, како и повик граѓаните да одат на работа или на факултет со автобус наместо со автомобили, се мерките на Град Скопје за справување со енормното загадување на воздухот во последниве седмици, објави денеска на прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.

Овие мерки и препораки ќе важат сè до намалување на загадувањето под прагот на алармирање.

Ќе се врши и интензивно миње на улиците.

– Го задолжувам ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност – рече Трајановски.

Скопскиот градоначалник најави и дека доколку временските услови се поволни за тоа, ќе продолжи прскањето на улиците со калциум ацетат, соединение за кое се верува дека за себе врзува дел од штетните честички во воздухот.

Трајановски рече дека засега нема услови да се воведе систем „пар – непар“, но побара  од министерствата за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка.

Тој апелираше вработените во Град Скопје да доаѓаат на работа со градски автобуси, а Град Скопје и јавните претпријатија ќе ги ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години со хронични заболувања. Службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

– Во врска со шпекулациите што се појавија во јавноста дека топланите загадуваат, инспекцискиот надзор спроведен викендов во сите топлани покажа дека сите тие работат исклучиво на гас – рече градоначалникот на Скопје.