Со признание на вина и каење, во еден ден почна и заврши судењето на двајцата штипјани, кои во текот на јануари претепаа девојка во влезот на станбена зграда во Штип и тоа го снимија на мобилен телефон. Снимката ја згрози јавноста, која изрази силна осуда за делото.

Според сведочењето на обвинетите за насилство, П.Р.(23) и С.А. (26), и двајцата од Штип, се се случило во момент на неразбирање.

– Свесни се за последиците. Тоа е тоа, праќаат јасна порака дека во иднина ниту тие ќе прават такво нешто, ниту би посакале било кој друг да го прави тоа – изјави по судењето нивниот бранител, адвокатот Валентин Зафиров.

Тој рече дека имале фер судење, а се надева и на фер пресуда. Зафиров очекува дека Судот ќе донесе разумна и фер пресуда, занемарувајќи го изразениот притисок на јавноста.

На денешното судење беше и оштетената девојка, во чие име зборуваше нејзината бранителка, Билјана Андонова. Девојката, оцени Андонова е во лоша состојба и не сака дополнително да биде виктимизирана. Поради тоа, без оглед што двајцата насилници признаа вина, очекува строга казна.

– Согласно Конвенцијата на Советот на Европа или многу добрата позната на јавност истата Истанбулска конвенција се предвидени отежнителни околности во вакви случаи, посебно ако се има во предвид дека цела јавност беше вклучена во овој спор и се вклучи во одбрана на жртвата. Станува збор за жена, односно девојка, така да очекуваме висока казна, без оглед на олеснителната околност што обвинетите признаа вина – изјави Андонова.

Судењето следеше по излегувањето во јавност на видео снимка на која се гледа како двајцата сега обвинети, навредуваат и претепуваат девојка. Снимката беше објавена на 2 април, по што истиот ден двајцата беа пронајдени од полицијата и однесени во притвор. Од притвор и им се суди.

Пресудата се очекува да биде изречена в четвртoк. За делото „Насилство“, за кое се обвинети, предвдена е казна затвор во траење од шест месеци до пет години.