Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби ја прекина расправата за Предлог – законот за употреба на јазиците, бидејќи пратеникот Фадил Зендели од Беса не сакаше да ја напушти говорницата откако Груби не му даде збор.

Беса преку амандман бараше да се промени насловот на законот и наместо „Предлог закон за употреба на јазиците“ бараат да стои „Предлог закон за употреба на албанскиот јазик“.

Министерот за правда Билен Саљији не го прифати овој амандман и рече дека она што Беса го бара со амандманот е лажен патриотизам.

Пратеничката група на Беса со тропање по масите бараше процедурална забелешка, но Груби му даде збор на пратеникот Весел Мемеди.

Фадил Зендели излезе на говорницата и почна на албански јазик да го дава образложението за поднесениот амандман, по што Груби даде пауза на неодредено, додека не се создадат услови за повторно одржување на комисијата.

Груби на почетокот на седницата рече дека 84-те амандмани од ВМРО-ДПМНЕ ќе се разгледуваат на 25 декември за да ѝ даде можност на опозицијата да даде образложение на поднесените амандмани.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и денеска не присуствуваа на работата на седницата на Комисијата.

На прес-конференција Зендели рече дека Беса ќе го поддржи законот за јазиците иако тој не го нуди она што го бараат Албанците. Тој обвини дека Груби го прекршил Деловникот со тоа што не им дал збор на пратениците од Беса.

-Ни беше оневозможено да го образложиме амандманот. Им се даваше збор на други пратеници. Ние со нашата реакција покажавме незадоволство. Беса ќе го поддржи овој предлог закон, но со амандманите сакавме да го подобриме. Не сме задоволни од законот, бидејќи остава отворени многу прашања – рече Зендели кој додаде дека пратениците на Беса нема да учествуваат во комисиската расправа „ако продолжат ваквите сценарија“.