Бертолини: Ризикувате да ги изгубите парите од ЕУ за пругата кон Бугарија

-

Изградбата на пругата кон Бугарија не напредува како што треба, а земјава ризикува да ги изгуби дадените средства од ЕУ доколку не постои никаков напредок во реализацијата на железничкото поврзување. Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, во изјава за „24ТВ“ тврди дека Македонија недоволно ги користи ЕУ-фондовите.

– Ние дадовме 70 милиони евра за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија и ова уште не е имплементирано. Покрај тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува како што треба и мора да напредува. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови до крајот на проектот, доколку нема никаков напредок – вели Никола Бертолини.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ несериозно се однесуваат кон проектот за изградба на пругата кон Бугарија. Првата фаза од железничкото поврзување со Бугарија започна да се гради во 2014 година, со ветување дека пругата меѓу Куманово и Бељаковце ќе биде пуштена во употреба до 2016 година. Три години подоцна, оваа пруга не само што не е ставена во функција, туку во моментов продолжува да се гради со ветување дека ќе се пушти во 2020 година.

За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка земјава подигна кредит од Европската банка за обнова и развој во декември 2014 година. Пет години подоцна, сѐ уште не е започната изведбата на пругата, а проектот е заглавен во делот на избор на градежна компанија што ќе ја гради пругата.

Бертолини во изјавата за „24ТВ“ реагира за дадените неповратни средства од ЕУ за изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка во јули 2017 година. Со овој грант за половина се намали задолжувањето на нашата земја кон ЕБОР за реализација на овој сегмент од пругата. Дополнително, Македонија преку ИПА фондовите на ЕУ доби и неповратни средства од 60,8 милиони евра за изградба на третата фаза од проектот меѓу Крива Паланка и Деве Баир.

„Мета.мк“ во неколку наврати пишуваше за сериозното доцнење во изведбата на проектот за железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Наместо да биде пуштена во употреба годинава, најновото ветување за пругата Куманово – Бељаковце е дека по неа ќе можат да се движат возови во 2020 година. За втората етапа од проектот досега беа распишани два тендери, а ветувањето на власта е дека нејзината изградба ќе започне догодина.

Пругата кон Бугарија започна да се гради во далечната 1994 година и досега неколку пати беше помпезно најавувана дека ќе биде завршена, но преќутно прекинувана со изведба.

Долги редици пред салата „Борис Трајковски“ за подигнување на ваучери за инвертери

Денес пред салата „Борис Трајковски“ се формираа долги редици луѓе кои чекаа да си ги подигнат своите ваучери за инвертери, откако им стигнале пораки дека истите ќе можат да...