fbpx

Берлин via Софија

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Ете, дојде и помина тој долгоочекуван ден за годишниот самит на Берлинскиот процес, оваа година во Софија. Еден од главните столбови на Берлинскиот процес е решавањето на отворените билатерални прашања. Затоа овој самит требаше да биде симболичен триумф на пријателството меѓу ко-претседавачите Бугарија и Северна Македонија, пример како решавањето на билатералните прашања и регионалната сорaботка водат кон заедничка иднина во Европската унија. Излезе дека ова било сепак премногу розово очекување. За жал, самитот на Берлинскиот процес во Софија оваа година ќе остане запаметен токму по спротивното –  како сенките од историјата наметнати од држава членка на ЕУ (сега Бугарија) можат да ја засенат европската иднина на нејзината држава сосед, во овој случај – нашата.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Да се навратиме на резултатите од овогодишниот самит на Берлинскиот процес. Донесени се две декларации – за заедничкиот пазар и за зелената агенда. Ниедна од овие иницијативи не е нова, туку се работи за континуитет на веќе поодамна започнати и спроведувани иницијативи.

Со Декларацијата за заедничкиот регионален пазар (претходно именуван како „регионална економска област“)  лидерите на државите од Западниот Балкан се согласуваат да ја унапредат економската соработка, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ. Лидерите го одобрија и Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар за следните четири години. Планот содржи четири области: регионална трговска област (заснована на четирите слободи на единствениот пазар на ЕУ – слободата на движење на стоките, услугите, капиталот и работниците), инвестициска област, дигитална област и индустриска и иновациска област.

Првото клучно прашање останува колку регионалната соработка реално помага да се интегрираат државите во ЕУ.

Според Декларацијата, чекорите за востановување на Заедничкиот регионален пазар ќе бидат „паралелни“ со „забрзана интеграција“ и „постепено вклучување“ во Единствениот пазар на ЕУ (фамозниот „phasing-in“).  Меѓутоа, анализата на планот покажува дека активностите и целите се главно поврзани со регионот, а многу помалку се видливи и амбициозни оние за интеграција во Единствениот европски пазар. На пример, по многу фаленото востановување зона без роаминг во државите во регионот, следната цел за следниве четири години би била само „намалување на цените на роамингот меѓу ЗБ и ЕУ“. Оттаму, големо прашање е дали и како овие процеси ќе се одвиваат „паралелно“ или принципот е: првин регионален пазар, а потоа вклучување во единствениот пазар на ЕУ.

Второто клучно прашање е реалниот потенцијал на оваa иницијатива да придонесе за економски развој. Според едно неодамнешно истражување на реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, досегашната зголемена регионална соработка, иако може позитивно да се оцени, нема силен ефект врз економскиот развој и економската конвергенција со ЕУ. Државите од регионот се сепак мали и сиромашни, така што потенцијалните добивки се ограничени. Анализата укажува дека за материјален ефект врз економиите на Западниот Балкан се потребни повисок ниво на интеграција со ЕУ и позначаен прилив од Буџетот на ЕУ.

Според проценките на ЕБРД, пак, доколку стапките на раст се исти како во периодот 2001-2016 година, регионот би постигнал 50 отсто од БДП на ЕУ дури за шеесетина години – во 2078 година. Да потсетиме, деветте милијарди што се споменуваа на Софискиот состанок се оние исти средства од Економскиот и инвестицискиот план, громогласно најавен од Економската комисија минатиот месец, односно истите оние 9 милијарди од ИПА III целосно за регионот за следниот седумгодишен период, и се на исто ниво со ИПА II за претходниот седумгодишен период.

Зелена агенда е дефинитивно приоритет за нашиот регион. Донесената декларација (која не е проследена со акциски план),  поставува мошне амбициозни цели во неколку области: 1. клима, енергија, мобилност; 2. циркуларна економија; 3. деполуција („одзагадување“); 4. одржливо земјоделство и производство на храна; 5. биодиверзитет. Таа упатува на спроведување на веќе донесени документи, но и на развој на нови стратегии, планови и иницијативи. Меѓутоа, нема проценка колку ќе чини спроведувањето. На пример, државите од регионот ја преземаат обврската да се усогласат со правото на ЕУ за климата, со визија да постигнат климатска неутралност до 2050 година. Колку и да изгледа далечна 2050 година, ова е амбициозна цел, која чини и многу средства. ЕУ предвидува 25 отсто од нејзиниот следен седумгодишен буџет да придонесува за климатска акција. Такви проекции државите во регионот немаат.

Во услови на очигледен недостаток на средства за скапи инвестиции кои се непходни за спроведување на сериозна Зелена агенда, веројатно треба да се почне од тоа што може да се направи со истите средства кои и сега ги даваме, но да се трошат поцелисходно. На пример – да се подигне ефикасноста на владеењето во државите од регионот, па само со спроведувањето на она што веќе сме го усвоиле да се постигне ефект. Ни оддалеку нема да биде доволно, но ќе биде значаен пресврт и сигнал.

И за крај – откатко им честиташе на Заев и Борисов за успешното претседавање со процесот, германската канцеларка најави дека догодина го враќа процесот онаму каде што почна – во Берлин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...