fbpx

Бербок: Уставните измени се од огромна важност за да продолжат преговорите со ЕУ

Таа ја потврди поддршката од Германија за европската интеграција на Северна Македонија и изрази задоволство од подготвеноста на македонската влада да се справи со сериозни предизвици

-

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска престојуваше во официјална посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Германската министерка Бербок рече дека уставните измени се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес за зачленување на земјава во ЕУ.

„Сега кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам, не само како претставник на Владата, туку до сите демократски партии и учесници им се обраќам: искористете ги сите расположливи средства за процесот да може да продолжи во следните месеци. Да не се случи да не успеете во овој клучен момент“, изјави германската министерка Бербок.

Таа ја потврди поддршката од Германија за европската интеграција на Северна Македонија и изрази задоволство од подготвеноста на македонската влада да се справи со сериозни предизвици, како што се уставните измени кои се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес.

Договорената промена на Уставот на земјава не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност, порача Бербок на заедничката прес-конференција со Османи.

Разговорите меѓу двајцата министри се фокусирале на пристапниот процес на државата во ЕУ, при што Османи се осврна на засиленото спроведувањето на ЕУ агендата како влог во европската иднина на државата.

„Германија, продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на регионот, и во тој контекст, би сакал да се заблагодарам за силната и континуирана поддршка која ја добива и нашата земја. Северна Македонија е на важен историски крстопат. Да ја земе судбината во свои раце и одлучно да зачекори кон полноправно членство при што 2030 година е амбициозна, но остварлива цел, или да влезе во повторно внатрешно преиспитување и застој“, истакна министерот Османи.

Тој упати и благодарност за улогата на Германија за заживување на Берлинскиот процес како основна и сеопфатна регионална соработка на највисоко ниво и како иницијатор на акциските планови за Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената агенда.

„Северна Македонија ја препознава важноста на процесот на преговори со Европската Унија и за таа цел ќе го вложи својот политички и административен капацитет во насока на спроведувањето на европската агенда. Воедно, како доверлив партнер на ЕУ и дел од меѓународната заедница на вредности и принципи, во меѓувреме, очекуваме повеќе практични придобивки и опипливи резултати кои произлегуваат од процесот на пристапување“, подвлече Османи.

Министерот Османи изрази задоволство од високата трговска размена со Сојузна Република Германија, која минатата година достигна пет милијарди евра и со галопирачки чекор продолжува и оваа година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...