Бењамин Џафери: Ја продолжувам кариерата како танчер во Словенија, на сцена што нуди повеќе можности

Бењамин Џафери / Фото: Порталб.мк

Бењамин Џафери е еден од најталентираните танчери во Северна Македонија. Склоноста за танцување ја покажал уште како дете, но во тоа време не наишол на ниту едно училиште или ансамбл за да вежба професионално. Првиот чекор во танцувањето тој го направил на 18-годишна возраст и од тој момент знаел што ќе прави во текот на животот, пишува Порталб.мк.

„Првите чекори ги направив во Студио Ребис. По неколку месеци преминав во Aqua Dance Club, каде што бев дел цели четири години. По четири години, преминав во студиото Break a Leg, каде танцував и предавав до 2020 година. Големата желба ме натера да ги развивам своите вештини, да барам семинари и часови во странство. Во текот на годините учествував на многу семинари и едукативни кампови за да ги развијам своите вештини на уште повисоко ниво. Многу е интересен моментот на транзиција, од личност што учи, луѓето почнуваат да ве бараат да предавате надвор од Македонија. Отпрвин е чудно чувство, нормално, а во исто време и многу убаво. Потоа се прилагодуваш и ова станува реалност“, вели Бењамин.

Во врска со интересот што луѓето го имаат за танцување, Бењамин додава:

„Можеби секој ќе го каже истото за својата професија, но според мене, нема ништо подобро од часовите за танцување. Тоа е искуство и релаксирачко чувство, како и многу помага во развојот на социјалниот аспект кај младите. Интересот на луѓето за танцување расте од година во година. Во последно време танцувањето се развива многу и ова го прави попривлечно за младите да одат на часови за да учат танцување. Убаво искуство е да се види како некој развива вештини за движење на телото од првите чекори, сè до после неколку години искуство. Обично, со оние кои имаат повеќе искуство, практикуваме различна кореографија, за различни намени: натпревари, видео – снимања, настапи, понатамошен развој“ појаснува тој.

Со движењата што ги има Бењамин, го привлече вниманието и во странство. Сега веќе шест месеци се наоѓа во Словенија.

„Во последните три-четири години започнав да предавам во странство, во студија и едукативни кампови. Последните две години бев поканет да предавам во Данска и Словенија. Беше многу убаво искуство. Почнав да соработувам во Словенија и одев како тренер на секои три месеци. Искуството што го стекнав во странство ме натера да учам уште повеќе за танцувањето. Со почетокот на пандемијата, донесов одлука да ја продолжам кариерата и да се развивам уште повеќе во Словенија, во сцена за која верувам дека ќе ми понуди уште повеќе можности“ додава Џафери.

Пораката на Бењамин до младите во врска со танцувањето е:

„Танцувањето е нешто што секој треба да го испроба. Ако можете слободно да танцувате, тогаш сè во животот е послободно, а тука спаѓаат забави и моментите на дружење. Направете еден чекор сами, вториот доаѓа сам по себе! Уживај во животот“ вели тој.