Бендот Вселенаутика дебитираше со првиот сингл „Ива“

Фото. Вселенаутика

Домашната музичка сцена се збогати со уште еден бенд. Со песната „Ива“ вчера дебитираше бендот Вселенаутика. Нивните нови обожаватели велат дека песната е уникатен спој од повеќе стилови како носталгичноста на Џони Кеш, ги буди мемориите од готик-рок звуците на Кјур, а не исостанува ниту вештото експериментирање со рок-металот, всушност, претставува поетски надреализам што вознесува, како во внатрешните емоции, така и во вселената.

Зад песната со наслов Ива, стои скопскиот кантавтор Емил Бакев, гитаристот Љупчо Стевановски и Огнен Митев кој се јавува како продуцент.

„Песната е љубовно писмо во аудио формат кое јас го пишував за конкретна личност, но верувам е доволно убаво во него да се пронајдат и други. А за Ива што можам да кажам освен да се послужам со зборовите на Бетси (Сибил Шепард) во филмот „Таксист“ кога го опишува главниот лик преку текстот на една песна од кантри пејачот Крис Кристоферсон: “Partly truth, partly fiction – a walking contradiction”“, изјави за Мета.мк Емил по промоцијата.

Емил и Љупчо подолг период работеле на реализацијата, но до моментот кога Огнен не им прискокнал на помош, не биле задоволни од разултатот.
„Кога во приказната влета продуцентот Огнен Митев кој е наш стар другар и е попознат под псевдонимот fussflow, тој целата работа брзо ја скоцка на начин што многу ни се допадна“, рече Емил.
Фото: Вселенаутика

Тој, навраќајки се во времето кога уште биле деца, раскажа дека тројцата заедно свиреле во разни бендови, и авторски и „тезгарски“.

„Правевме проби во подрумот на мојата куќа на Стара рампа каде јас и сега работам музика. Со Оги на времето свиревме во една група, Bandover, потоа јас некое време живеев надвор и кога се вратив со куферче полно песни кои ги пишував таму, долго време имав проблем како сите тие идеи, вињети, демоа да ги финализирам во заокружен производ. Сега сето тоа некако природно си доаѓа на свое и многу сум возбуден и љубопитен во кој правец ќе се развива понатаму“, рече Емил, додавајќи дека нивното место за вежби уште од тогаш е подрумот во куќата на Стара рампа, па затоа и изборот спотот да го снимат во воз и на пруга дошол спонтано.

„Живееме во Кисела вода, ги знаеме тие места, снимано е близу до депото позади халите на фабриката Раде Кончар во која своевремено работеше пола моја фамилија… плус и честата детска фасцинација со возови од која изгледа остануваат рецидиви и до стари години. Ни се виде интересен тој простор кој е на само пар километри од Центар, а ретко кој го знае, еве и повеќево луѓе кои први го погледнаа спотот речиси сите од ред мислеа дека е снимано на главната Железничка станица“, раскажа кантавторот.

Фото: Вселенаутика

Името на бендот Вселенаутика предизвикува дополнителна енигма за новите следбеници на бендот.

„Тоа е кованица од „вселена“ и „наутика“, измислен збор… се разбира, се реферира на рускиот збор космонавтика, но нам ни се допадна бидејќи истовремено има и македонски и универзален призвук“, за љубобитните објасни Емил во разговор со Мета.мк.

Инаку Емил во 2019 година ја објави и песната „Спомни си некогаш за нас“ која ја посвети на бегалците кога секојдневно ги губеа животите во водите на Средоземното море.

Огнен живее во Минхен и е попознат под псевдонимот fussflow под кој твори и издава најразлична музика. Има соработувано со разни изведувачи меѓу кои Ана Петановска, Blackstate и други, има одлични ремикси на македонски поп хитови од ’80-те, а во 2020 година имаше седмопласиран сингл на познатата платформа за house музика Traxsource.