Светски реномираниот бенд „Њу ордер“ (New Order), кои се едни од најголемите бендови на сите времиња, се „артисти во фокус“ на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ и беа наградени со награда за животно дело за достигнувања во музиката и филмот.

Наградата им беше врачена во Манчестер. По повод оваа награда, тие се пофалија на нивните официјални профили на Фејсбук и Твитер заблагодарувајќи се на фестивалот за укажаната чест.

„Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од ’80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест,“ вели директорот на фестивалот Ненад Георгиевски.

Фестивалот беше отворен со филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи во дворот на Кинотека на Македонија и на тој начин им беше одадена посвета на составот. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019) и Влатко Стефановски (2019).

Наградата за бендот, а и сите визуелни решенија, се дело на Дијана Димитриевска која е долгогодишен соработник на фестивалот и важи за една од најинвентивните млади дизајнерки.

Инаку, со џез вечерта на „Скопје Синема Сити“ и прикажувањето на филмовите „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел“ се заврши првиот викенд на Скопје Синема Сити и следниот е најавен за 2 и 3 октомври во Кинотека на Македонија.