Бендот „Њу ордер„ и фотографот Антон Корбeјн за отворање на шестото издание на филмскиот фестивал Скопје Синема Сити

Шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ ќе започне на 19 септември во дворот на Кинотека. Фестивалот е поделен во два блока: едниот дводневен блок ќе започне на 19 и 20 септември и во него ќе бидат прикажани четири филма, а другиот дводневен блок ќе се одвива на 2 и 3 октомври и ќе прикаже 6 филмови.

Филмот што ќе го отвори Фестивалот е „Декади“ на Мајк Кристи за бендот „Њу Ордер“, којшто е воедно и „Артист во фокус“. Секое издание на „Скопје Синема Сити“ го отвора филм за одреден артист, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот.

Оваа година тоа се „Њу Ордер“, на кои Фестивалот им ја испрати наградата во Манчестер. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019) и Влатко Стефановски (2019).

„Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од ’80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест,“ соопштува организаторот.

Вториот филм е портрет на реномираниот музички фотограф и режисер Антон Корбeјн, „Изнесено на виделина.“ Овој холандски фотограф е заслужен за неверојатни портрети на некои од најголемите музички ѕвезди последните 40 години.

„Со своите фотографии и спотови поврзува познати музички ѕвезди од калибарот на Ник Кејв, Дејвид Силвијан, U2, Depeche Mode, Metallica, Nirvana, Joy Division, Том Вејтс, Дејвид Боуви, REM, The Killers, Стоунси, Arcade Fire и многу други. Овој портрет го прикажува како работи на фотосесии со овие луѓе, како и на своите играни филмови како „Контрола“, биографскиот филм за Joy Division и „Американецот“ со Џорџ Клуни,“ се додава во соопштението.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм и е организиран во соработка со Кинотека.