Белорусија со 10 години затвор го казни добитникот на Нобеловата награда за мир

Продемократскиот активист и добитник на Нобеловата награда за мир, Алес Бјаљацки е осуден од судот во Белорусија на 10-годишна затворска казна, јавува Гардијан. Бјаљацки беше притворен во јули минатата година, при што беше обвинет за финансирање на антивладините протести во 2020 година и за затајување данок. Како основач на организацијата „Вјасна“, тој долги години се бореше за заштита на човековите права во Белорусија.

По пресудата на судот во Минск, реагираше белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја. Таа ја опиша како ужасна пресудата против Бјаљацки и на Твитер напиша дека тој е вистински херој на Белорусија и ќе биде почестен долго откако диктаторот ќе биде заборавен.

Бјаљацки беше осуден на затворска казна, заедно со уште тројца активисти на „Вјасна“, вклучувајќи го и адвокатот на организацијата за човекови права. Групите кои работат на заштита на човековите права во Белорусија информираа дека во оваа поранешна советска република има околу 1.500 политички затвореници, а најголемиот дел од нив биле уапсени по 2020 година.

Бјаљацки е четвртиот човек во историјата што ја добил Нобеловата награда за мир додека бил во затвор или притвор, по Карл фон Осиецки од Германија во 1935 година, Аунг Сан Су Чи од Мјанмар во 1991 година и Лиу Ксијаобо од Кина во 2010 година.