За Владата на Македонија, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградбата на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, на инвестицискиот форум „Кина – Централна и Источна Европа“, кој се одржува во Прага.
Тој додаде дека во согласност со изработената студија за исплатливост, дефинирани се три региони за изградба на оваа мрежа.
Во делот на индустријата и новите технологии, министерот Бектеши ја нагласи неопходноста од зголемување на конкурентноста на производите и на услугите, како на домашниот, така и на странските пазари.
„Ќе работиме на поттикнување на бизнисот во делот на финализирање на производи со поголема додадена вредност, преку иновациите и новите технологии. За таа цел, предвидени се реформи во образованието и поврзување на науката и на бизнисот, што подразбира и инвестиции во технологијата и во знаењето“, рече Бектеши.
Форумот се одржува под покровителство на претседателот на Чешка, Милош Земан, и на премиерот Бохуслав Соботка, а во организација на Чешко-кинеската комора за соработка и на Економскиот центар за соработка во Кина.
На форумот учествуваат 300 гости од Кина и повеќе од 500 гости од земјите на Централна и на Источна Европа.