fbpx

Бектеши тврди дека цените по маркетите ќе опаднат штом се потрошат залихите, билетите и понатаму по иста цена

-

Производителите на храна добија поевтина струја од 1 декември од Владата, додека автобуските превозници возат со нафтени деривати кои се поевтини и до 40 денари од литар во споредба со летниот период, кога ги поскапеа меѓуградските и меѓународните билети за патување. И покрај брзата реакција за зголемување на цените од компаниите, кои доведоа инфлацијата во земјава да се искачи до 19,5 отсто, сега многу транспортери, производители и трговци со тешко срце се одлучуваат да ги намалат цените на нивните производи и услуги.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека намалување на цените на основните прехранбени производи ќе има од следната недела, кога ќе бидат потрошени залихите во магацините, бидејќи производите набавени пред 1 декември биле по повисоки цени.

Бектеши и владата се договорија со производителите на храна да ги намалат цените за најмалку 10 отсто откако ќе бидат префрлени на поевтина струја од 1 декември.

„Во нивните магацини имаа залихи на производи и домашни производи кои користат дистрибутер и производи кои се увезуваат во нашата држава. Тие залихи се набавени со различни цени. Новите залихи се набавуваат со други цени кои се пониски од претходните, што значи дека претходните залихи треба да се потрошат“, изјави министерот Бектеши.

Тој денеска повтори оти очекува со владината мерка за префрлање на производителите на поевтина струја да се намалат цените на прехранбените продукти од 7 до 12 отсто.

Инаку, инфлацијата во текот на ноември 2022 година во земјава достигна загрижувачки 19,5 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот минатиот месец биле зголемени за дури 29,8 отсто кај храната и безалкохолните пијалоци, додека транспортот поскапел за 16,5 отсто. Сметките за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива овој месец биле поголеми за 20 отсто.

Константните поскапувања се случуваат и во сектори каде што веќе во континуитет има намалување на цените со кои компаниите работат. Па така, цените на нафтените деривати во Македонија моментално се многу пониски од летниот период, но статистичките податоци покажуваат дека нема намалување на автобуските билети и такси превозот за граѓаните.

Кога изминатово лето кон крајот на јуни цената на нафтените деривати скокна и до 110 денари за литар, транспортните компании и такси превозниците, без исклучок, ги зголемија цените на возење. Во два наврата, цената на автобуските билети од Скопје кон Тетово, Куманово, Велес, Охрид и други градови беше зголемена. Па така, превозот до Куманово кој во еден правец во минатото чинеше 100 или 120 денари во правец, достигна цена од фантастични 170 денари.

Сепак, денеска цената на дизел горивото изнесува 78 денари за литар, додека Еуросупер БС-95 чини 76 денари за литар, но ваквото значително намалување на цената на нафтените деривати не доведе и до поевтинување на автобуските билети и на такси превозот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...